Учеството на младите на возраст од 18 до 24 години кои предвреме го напуштаат образованието и обуките во Европската Унија во 2025 година изнесувало 9,1 процент, покажуваат најновите податоци на Евростат. Со тоа, ЕУ е многу блиску до целта до 2030 година оваа стапка да се намали под 9 проценти.
Во последната деценија е забележан континуиран пад на бројот на млади кои се откажуваат од образованието. Во 2015 година нивниот удел изнесувал 11 проценти, додека во 2025 година се намалил на 9,1 процент.

Статистиката покажува дека момчињата и понатаму почесто од девојчињата го напуштаат образованието предвреме. Минатата година тоа го направиле 10,6 проценти од младите мажи, наспроти 7,5 проценти од младите жени.
Најголем напредок во намалувањето на оваа појава во периодот од 2015 до 2025 година оствариле Малта, Португалија и Шпанија. Од друга страна, најголем пораст на бројот на млади кои предвреме го напуштаат образованието е регистриран во Кипар, Германија и Австрија.
Дури 17 земји-членки на ЕУ веќе ја достигнале целта за 2030 година. Најниски стапки на предвремено напуштање на образованието имаат Хрватска (2,1%), Грција (3%) и Ирска (3,6%).
Највисоки стапки се забележани во Романија (15,5%), Германија (13,1%) и Шпанија (12,8%).
(Радио МОФ)
Фото – Rawpixel




























