Некои од најпопуларните туристички дестинации во светот се исто така доста непријатни места за возење, покажа ново глобално истражување. Италија е светски позната туристичка дестинација, со прекрасна уметност, иконски пејзажи и врвна храна. Сепак, ситуацијата е поинаква со нејзините патишта и возачи.
Италија е земјата со најагресивни возачи, според испитаниците во неодамнешно глобално истражување, при што 23% од возачите велат дека доживеале непредвидливо или ризично однесување во сообраќајот во земјата.
Второто место можеби не е најочигледно: Велика Британија обично се поврзува со зелени ридови и исклучително удобни автомобили, но се најде на второто место во анкетата на платформата за изнајмување автомобили Discovercars.com, при што 11% од возачите велат дека доживеале агресивно однесување таму. Лондон, особено, се издвои како еден од најчесто споменуваните градови.
САД се на третото место со 9%, по што следат Франција и Австралија со по 5%. На заедничко петто место, 4% од испитаниците изјавиле дека доживеале најголема агресија на патиштата во Шпанија, додека други 4% ја навеле Турција.
Најдосадното однесување се чини дека е некористењето на трепкачот при свртување (56%). Возачите се исто така вознемирени од возењето премногу блиску до возилото пред нив (46%), дури и повеќе отколку од бавното возење во лентата за престигнување (43%) и наглото сопирање (20%).
Перцепцијата за учтивоста на жителите на една земја варира во зависност од тоа дали се зад воланот или се надвор од сообраќајот, иако постојат некои вообичаени трендови.
Италијанците, исто така, се покажале лошо во анкетата за други манири, рангирајќи се меѓу земјите најмалку поврзани со учтивоста во целина: 24-то место од 25 земји, според анкетата спроведена од компанијата за финансиски услуги Remitly. Само Австрија се покажала полошо.
Јапонија е цврсто на врвот на листата, каде што поклонувањето сè уште се смета за знак на почит. Следува Канада, а Велика Британија е на третото место.
Во истата анкета испитаниците биле замолени да размислат за сопственото однесување и да проценат дали се сметаат себеси за учтиви и дали се однесуваат кон странците со почит.
Интересно е што Јапонците си дале еден од најниските резултат, иако сепак беше висок (8,73/10).
Бразил и Чиле се земјите чии жители се сметаат себеси за најучтиви во светот меѓу анкетираните нации, давајќи си просечен резултат од 9,46. Следни се Индијците (9,41), потоа Швеѓаните (9,40) и Французите (9,40).
(Euronews/Bizlife)
(фото: Free Public Domain)





























