Кинески истражувачи развија модел со вештачка интелигенција за кој велат дека може да идентификува зголемен ризик од развој на депресија до четири години пред појавата на нарушувањето. Доколку идните истражувања ги потврдат овие резултати, овој пристап би можел да го отвори патот за порано идентификување на проблемот и навремено вклучување на превентивни мерки.
Тимот од Универзитетот Шенжен наведува дека големото депресивно нарушување е сериозен проблем со јавното здравје и дека повеќе од 332 милиони луѓе ширум светот живеат со оваа состојба. Идејата на истражувачите е да ги идентификуваат оние со поголем ризик пред појавата на изразени симптоми, што би можело да овозможи порана интервенција и потенцијално поефикасен третман.
Моделот е создаден со користење на податоци од две клинички студии кои ги следеле адолесцентите во неколку европски земји. Во една од нив учесниците биле прегледани на возраст од 16, 19 и 23 години, а проценките вклучувале МРИ скенирања, крвни тестови и прашалници кои ги евидентирале можните симптоми на депресија.
Потоа истражувачите ги вкрстиле податоците и развиле систем кој го проценува ризикот од развој на депресија подоцна во животот. Кога се применил на 19-годишници, моделот можел да ги идентификува оние кои имале поголема веројатност да го развијат нарушувањето до 23-годишна возраст, а предвидувањата потоа биле споредени со резултатите од последниот дел од студијата.
(24Sedam)
(фото: Pixnio)





























