Луѓето кои редовно џвакаат гуми за џвакање без шеќер може да се соочат со поголем ризик од фатален срцев или мозочен удар, покажува ново истражување.
Имено, германски научници открија дека поединците кои консумираат големи количини ксилитол – засладувач што често се наоѓа во гумите за џвакање и бонбоните со вкус на нане – имаат до 57% поголема веројатност да доживеат срцев или мозочен удар во споредба со оние кои консумираат многу мали количини од него. Претходните истражувања сугерираат дека високите нивоа на ксилитол можат да ја направат крвта погуста и полеплива, зголемувајќи го ризикот од опасни згрутчувања.
Ксилитолот е шеќерен алкохол што природно се создава во телото, но се додава и во храната, пијалаците и производите за орална хигиена бидејќи дава сладок вкус со помалку калории од шеќерот. Се смета дека тој е корисен за здравјето на забитеббидејќи го намалува размножувањето на бактериите што предизвикуваат кариес и помага во заштитата од расипување на забите.
Досега неговото долгорочно влијание врз здравјето главно беше занемарувано. Претставувајќи го истражувањето на годишниот конгрес на Европското здружение за кардиологија, авторот на студијата, д-р Марко Витковски, истакна дека претходните студии покажале оти поединците со високи нивоа на овој засладувач во крвта имале поголема веројатност да доживеат срцев или мозочен удар во текот на следните три години.
Неговиот тим сакаше да утврди дали ксилитолот го зголемува долгорочниот ризик од срцеви проблеми кај поголема група луѓе. Истражувачите од Универзитетската болница Шарите во Берлин анализираа податоци од 17.710 учесници во текот на 30 години. Тие открија дека поединците со највисоки нивоа на ксилитол во крвта се соочуваат со значително поголем ризик од срцев удар, мозочен удар или предвремена смрт во споредба со оние со најниски нивоа на оваа супстанца во крвотокот.
Во текот на шестгодишниот период на следење ризикот од срцев удар, мозочен удар или смрт поврзана со срцеви заболувања бил за 18% поголем кај оние со највисоки нивоа на засладувачот во крвта. Севкупно, научниците заклучија дека зголемените нивоа на ксилитол во крвта претставуваат поголем ризик за здравјето на срцето.
„Вештачките засладувачи ги консумираат луѓе кои веруваат дека тие се поздрави од шеќерот, а регулаторните тела генерално ги сметаат за безбедни“, рече д-р Витковски, додавајќи дека нивните наоди покажуваат колку малку се знае за долгорочната безбедност на таквите адитиви.
Се чини дека ниту ксилитолот, ниту шеќерот не се идеален избор. Експертите кои не беа вклучени во студијата изјавија дека резултатите укажуваат на потреба од понатамошни истражувања на оваа важна тема.
Сепак, оваа опсервациска студија сугерира дека ксилитолот има негативно долгорочно влијание во однос на кардиоваскуларните настани. Овие наоди се надополнуваат на растечкиот број истражувања кои сугерираат дека засладувачите може да бидат поврзани со широк спектар на здравствени проблеми, вклучувајќи дијабетес, дебелина и рак.
Порано оваа година научниците од Универзитетот Кембриџ открија дека засладувачите можат да го забават растот на корисните цревни бактерии, со што се зголемува ризикот од болести. Исто така, се изразени загрижености во врска со врската помеѓу вештачките засладувачи и ракот.
Студија од 2025 година, објавена во списанието Science Signaling, откри дека сорбитолот – кој се наоѓа во бомбоните и сладоледот без шеќер – може да предизвика акумулација на масти во црниот дроб, зголемувајќи ја веројатноста за заболување на црниот дроб, што е главен фактор на ризик за рак на црниот дроб.
Овие стравувања се зголемија во 2023 година, кога Светската здравствена организација контроверзно го класифицираше вештачкиот засладувач аспартам, кој се наоѓа во пијалоци како диеталната “кока-кола”, како евентуално канцероген за луѓето.
Сепак, агенцијата на ОН заклучи дека тој претставува ризик само за оние кои консумираат големи количини, истакнувајќи дека возрасен човек од 70 кг може безбедно да испие околу 14 лименки дневно.
Експертите нагласуваат дека потенцијалните ризици од вештачките засладувачи мора да се споредат со добро утврдените штетни ефекти на шеќерот што го заменуваат.
(Jutarnji.hr)
(фото: Pxhere)

























