Вселената станува пренатрупана: Тројца млади луѓе развиваат „шлеп служба“ за сателити

- Advertisement -

Земјината орбита станува сè попреполна. Пред десет години во орбитата имаше околу 1.500 сателити. Денес ги има повеќе од 15.000. Кога ќе се земе предвид и вселенскиот отпад, таа бројка се искачува на околу 31.000 објекти.

Тука на сцена стапуваат Адам Кал, Остин Морис и Трој М. Морис. Нивната компанија, KMI Space, развива вселенско летало што може да го отстранува отпадот од орбитата, а истовремено и да ги преместува другите сателити. Нивниот систем, наречен REACCH, е инспириран од природата – тој користи додатоци налик на пипала, со површини моделирани според стапалата на геко-гуштерите, за да се зацврсти за објектите.

- Advertisement -

Како што се развива сè повеќе инфраструктура во вселената, така расте и бројот на компании што се обидуваат да го продолжат животниот век на сателитите. Некои развиваат вселенски „бензински пумпи“, додека други работат на вселенски летала способни за вршење поправки во самата орбита. Извршниот директор на KMI Space, Трој Морис, го опишува нивниот проект како развој на „услуги за вселенско шлепување“.

„Нашата технологија не служи само за отстранување вселенски отпад. Можеме да поместуваме објекти во различни насоки и да ги менуваме нивните орбити, што отвора бројни нови можности“, изјави Кал.

- Advertisement -

Стартап-компанијата со седиште во Мичиген, основана во 2019 година, стабилно напредува кон таа цел. Во 2024 година помала верзија на нивниот систем пристигна на Меѓународната вселенска станица, каде што во текот на околу 200 дена во 2025 година астронаутите спроведоа стотици успешни тестови користејќи го системот REACCH за фаќање објекти во услови на безтежинска состојба.

„Тестовите ги потврдија симулациите што веќе ги имавме. Сега можеме да бидеме сигурни дека, кога ќе го измениме дизајнот, симулацијата ќе ни покаже дали системот навистина може да функционира во реални физички услови за фаќање објекти.“ вели Кал.

- Advertisement -

Ова е од клучно значење за следната фаза од проектот. Лансирањето на верзијата на нивното вселенско летало во целосна големина е предвидено за почетокот на 2028 година, а првото фаќање на објект во орбитата е планирано за подоцна истата година. Доколку проектот биде успешен, компанијата планира да распореди повеќе од десетина вселенски летала на различни локации во орбитата. Тие би можеле да ги преместуваат активните сателити или да го насочуваат вселенскиот отпад кон Земјината атмосфера, каде што тој безбедно би изгорел.

Досега компанијата KMI Space има собрано над 10 милиони долари од инвеститори и има обезбедено грантови и договори од Министерството за одбрана на САД и од НАСА. Компанијата неодамна беше избрана и за програмата STRATFI на Вселенските сили на САД, преку која ќе се обезбеди дополнителен капитал.

„Ова е многу возбудлив момент за нас – со STRATFI, интересот од инвеститорите и уште неколку работи што треба да се финализираат, проектот брзо добива на интензитет“, изјави Морис.

(Forbes.hr)

(фото: Pixabay)

- Advertisement -