Патниците во Европа наскоро би можеле да добијат право на поголем дозволен рачен багаж без дополнителни трошоци, како дел од сеопфатната реформа на правата на патниците во воздушниот сообраќај. Европскиот парламент и земјите-членки на ЕУ постигнаа привремен договор за нови прописи – што претставува прва голема ревизија на овие правила од 2004 година.
Според новите прописи, секој патник што купува стандарден авионски билет ќе има право на два дела рачен багаж, целосно бесплатно:
-eден мал личен предмет (како што се женска чанта, паричник или мал ранец) што мора да може да се смести под седиштето пред патникот.
-eден поголем куфер или торба за во кабината со тежина до 7 кг и вкупни димензии (збир на должина, ширина и висина) кои не надминуваат 100 см.
Европскиот парламент нагласува дека целта на оваа мерка е да се стави крај на дополнителните скриени трошоци и надоместоци што многу авиокомпании моментално ги наплаќаат за внесување багаж во кабината.
Сепак, правилата им дозволуваат на авиокомпаниите да нудат поевтини, таканаречени „економични“ билети за патниците кои избираат да патуваат без рачен багаж, иако точниот начин на кој ќе функционира овој систем на цени на пазарот сè уште не е прецизиран.
Се очекува новите правила да почнат да се применуваат најрано кон крајот на 2027 година, при што октомври 2027 година се наведува како најран можен датум. Пред официјално да стапат на сила, прописите мора да ги поминат преостанатите чекори од законодавниот процес на Европската унија.
Реформата во врска со рачниот багаж е само еден дел од поширокиот пакет на ЕУ насочен кон модернизација на правата на патниците во воздушниот сообраќај, кој исто така вклучува нови правила за доцнење на летовите, откажувања и правото на надомест.
(Bizlife)
(фото: Pexels/Pew Nguyen)
























