Кина откри нови наоѓалишта на литиум

- Advertisement -

Кина ги зголеми проценетите ресурси на големото наоѓалиште на литиум Џијада во покраината Сечуан за околу 70 проценти, додавајќи 1,05 милиони тони еквивалент на литиум карбонат. Вкупните ресурси на полето сега изнесуваат 2,53 милиони тони, објави „Саут Чајна Морнинг Пост“ (SCMP).

По ново истражување, во наоѓалиштето се регистрирани дополнителни 1,05 милиони тони еквивалент на литиум карбонат, зголемувајќи ги вкупните ресурси на 2,53 милиони тони.

- Advertisement -

Мајнинг компанијата „Дажонг“, која го развива проектот, објави дека новите ресурси се потврдени и регистрирани во Министерството за природни ресурси. Тие вклучуваат 33,52 милиони тони руда со околу 423.800 тони литиум оксид, со просечна содржина од 1,26 проценти.

Првиот дел од рудникот има одобрен капацитет за експлоатација од 2,6 милиони тони руда годишно. Компанијата проценува дека, со полн капацитет, би можела да произведува околу 50.000 тони литиум карбонат годишно, но проектот сè уште не ги добил сите потребни дозволи за рударство и работа.

- Advertisement -

Литиумот е од стратешко значење за Кина поради неговата употреба во производството на батерии за електрични возила, системи за складирање енергија и потрошувачка електроника.

Според Кинескиот геолошки завод, истражувањата го зголемија проценетиот удел на Кина во светските резерви на литиум на 16,5 проценти до јануари 2025 година, што ја прави земјата втора во светот според таа проценка.

- Advertisement -

Сепак, Кина сè уште е значително зависна од увозот. Според Кинеското здружение на индустријата за обоени метали, околу 60 проценти од нејзините потреби за ресурси на литиум во 2025 година се задоволуваат од странство. Кина увезува концентрат на литиум од земји како Австралија, Зимбабве и Бразил, додека Чиле и Аргентина се главните извори на увезен литиум карбонат.

Наоѓалиштето Џијада е дел од литиумскиот појас што се протега низ западниот дел на Кина и е долг околу 2.800 километри. Кинеските геолози го нарекуваат овој регион дел од „Азискиот литиумски појас“.

Новото зголемување на ресурсите е дел од пошироката кинеска кампања за истражување на минерални ресурси започната во 2021 година, која има за цел да ги зголеми домашните резерви на енергија и стратешки минерали и да ја намали зависноста од странски извори.

Фото – Dnn87, CC BY 3.0 https://creativecommons.org/licenses/by/3.0, via Wikimedia Commons

- Advertisement -