Научници направија 100.000 симулации на удари на комети во Земјата – еве што се случува

- Advertisement -

Од каде потекнуваме? Одговорот, според многу научници, е – од вселената. Една долгогодишна теорија, која се разгледува веќе повеќе од еден век, сугерира дека животот на Земјата настанал од фрагменти на пребиотичка хемија кои пристигнале од вселенските пространства, веројатно донесени од далечни комети.

Оваа идеја е поткрепена со сè поголем број докази; научниците откриле траги од органски молекули во комети што патуваат низ вселената, а кои, теоретски, би можеле да ги „посеат“ состојките на животот на световите со кои ќе дојдат во контакт. Сепак, според новите симулации, веројатноста за вакво нешто е толку мала, што граничи со научна фантастика.

- Advertisement -

„Тоа е прилично романтична идеја, но нашите резултати покажуваат дека е крајно неверојатна“, вели астрономот Ричард Анслоу од Универзитетот во Кембриџ.

Во една нова студија, објавена во списанието Scientific Reports, Анслоу и неговите колеги спровеле симулации за да проверат што би се случило доколку кометите, како што се претпоставува, навистина донеле пребиотички хемикалии на Земјата. Во симулациите тие се фокусирале на водород цијанид – молекула која служи како „суровина“ и може да помогне во синтезата на многу од градежните блокови на животот, вклучувајќи липиди, шеќери, нуклеобази и нуклеотиди.

- Advertisement -

Водород цијанидот не само што редовно се открива во кометите, туку досега е и единствената позната „суровинска“ молекула пронајдена во доволно големи количини во кометите во нашиот Сончев систем за да се смета за релевантна во пребиотичка смисла. Други хемикалии (како што се цијаноацетилен и цијаноген) се пронајдени во многу помали концентрации.

Но, дали еден таков „плоден“ товар од водород цијанид – безбедно транспортиран до Земјата преку комета – би можел да ја преживее катастрофалната завршница на патувањето, односно судирот на неговиот леден „вселенски брод“ со Земјата?

- Advertisement -

Преку 100.000 симулации, дизајнирани да ги рекреираат условите од раното бомбардирање на Земјата со комети – период во кој планетата ја погодиле повеќе од 100.000 комети – истражувачите утврдиле дека таквото сценарио е крајно неверојатно. Во 54 отсто од симулациите ниту еден удар на комета не би доставил доволно количество водород цијанид на копното на Земјата; кометите или се распаѓале во атмосферата, или го губеле својот хемиски товар поради топлината при ударот (што е најзначајниот фактор), или пак удирале во океаните, каде што преостанатиот водород цијанид би се разредил.

Останатите 46 отсто од симулациите укажуваат на тоа дека барем една комета би можела успешно да пренесе доволно количество од оваа почетна молекула на површината, но дури и во тие случаи можноста за пребиотичка хемија би била крајно краткотрајна.

Се разбира, станува збор само за симулации, а резултатите не докажуваат дека тоа не се случило или дека не можело да се случи; сепак, тие сугерираат дека теоријата за потеклото на животот преку удари на комети е многу помалку веројатна отколку што претходно претпоставувавме.

„Тоа би морало да биде навистина исклучително редок настан – еден во милион – бидејќи не само што е потребен удар со точно одредена брзина и агол, туку и сите последователни процеси – како што се концентрацијата на хемикалиите и брзината со која започнал хемискиот развој на животот – би морале да се одвиваат на соодветен начин. Не можеме со сигурност да исклучиме дека се случило токму така. Но, се чини дека станува збор за навистина редок настан – во најдобар случај, за изолирана случајност.“, вели Енслоу.

Сепак, иако пресметките сугерираат дека животот на Земјата веројатно не започнал благодарение на хемикалии донесени од комети, тоа не значи дека истиот механизам не би можел да функционира на други планети.

Интересно е тоа што истражувачите открија дека Марс всушност подобро одговара на хипотезата за удари на комети; поретката атмосфера на „црвената планета“ и помалите брзини при ударите овозможуваат над пет пати повеќе успешни преноси отколку на Земјата.

Од друга страна, густата атмосфера на Венера би уништила поголем дел од кометите, дури и оние со дијаметар од неколку километри.

Овие наоди се објавени во списанието Scientific Reports.

(Science Alert)

(фото: PExels/Scott Lord)

- Advertisement -