Патувањето сам веќе не е необичен избор, а растечкиот интерес за вакви патувања го менува начинот на кој се избираат дестинациите. За оние што планираат самостојно да ги истражуваат европските градови клучните фактори не се само знаменитостите и атракциите; тука спаѓаат и трошоците за сместување, храна и транспорт, како и чувството на безбедност.
Новиот Solo Travel Index, објавен од компанијата Radical Storage, анализираше 48 од најпосетуваните европски градови за да утврди колку се тие погодни за соло патници. Анализата опфати 11 критериуми, вклучувајќи ги просечните дневни трошоци по лице, безбедноста (врз основа на податоци од платформата Numbeo) и бројот на хостели – популарен избор за сместување кај оние што патуваат сами.
Секој критериум беше оценет на скала од еден до десет, во зависност од тоа како одреден град се рангира во однос на останатите, при што конечната оценка претставува просек од сите 11 поединечни оценки.
Прага се најде на врвот на листата, со проценет дневен буџет од 134,33 евра, кој ги покрива трошоците за сместување, храна, транспорт и забава. Чешката престолнина, исто така, го зазеде осмото место според безбедноста меѓу градовите вклучени во истражувањето.
Краков го зазеде второто место, а истовремено беше и вториот најприфатлив град на листата во однос на цените. Истанбул се најде на третото место, главно поради многу евтините кревети во хостели – што се и најниските цени меѓу сите анализирани градови. Во првите десет влегоа и Лисабон на четвртото место, Гдањск на петтото, Берлин на шестото и Порто на седмото место. Шпанија е претставена преку Севиља и Барселона, додека десеттото место ѝ припадна на Рига.
Десетте најдобри европски градови за соло патници се:
- Прага, Чешка
- Краков, Полска
- Истанбул, Турција
- Лисабон, Португалија
- Гдањск, Полска
- Берлин, Германија
- Порто, Португалија
- Севиља, Шпанија
- Барселона, Шпанија
- Рига, Латвија
На другиот крај од рангирањето се наоѓа Цирих, кој е прогласен за најмалку соодветен европски град за соло патници. Главната причина се високите трошоци – особено за сместување – кои, според студијата, изнесуваат во просек 168,13 евра дневно, што е највисока сума меѓу сите анализирани градови.
Цирих, исто така, спаѓа во градовите со најскапа храна и транспорт. Ова е особено значајно за соло патниците, бидејќи тие немаат можност да ги поделат трошоците за сместување со некој придружник.
Рејкјавик се наоѓа на претпоследното место, а по него, на третото место од крајот, е Венеција. Овие дестинации исто така добија слаби оценки поради високите цени, кои можат значително да го зголемат вкупниот буџет за патување.
Меѓу другите градови во групата на десетте најлошо рангирани се Архус, Келн, Женева, Франкфурт, Ница, Марсеј и Даблин. Десетте најмалку погодни европски градови за соло патници се:
- Цирих, Швајцарија
- Рејкјавик, Исланд
- Венеција, Италија
- Архус, Данска
- Келн, Германија
- Женева, Швајцарија
- Франкфурт, Германија
- Ница, Франција
- Марсеј, Франција
- Даблин, Ирска
Според податоците на компанијата „Radical Storage“, просечните дневни трошоци во десетте најлошо рангирани градови изнесуваат 252 евра, додека во десетте најдобро рангирани градови тие се околу 153 евра. Разликата од речиси 100 евра дневно покажува колку изборот на дестинација може да влијае врз буџетот на соло патниците.
(Bizlife)
(фото: Pexels/Poparak Apichodilok)






























