Истражувачи развија нова технологија способна да препознава одредени мириси – како што е карактеристичната арома на кафето – и да ја пренесува таа информација на далечина преку интернет.
Чунју Јанг, главниот автор на студијата од Државниот универзитет во Охајо, објасни дека „електронски нос“ го детектира мирисот и испраќа податоци за него до генератор на мириси на примателот. Генераторот потоа ослободува соодветни молекули за да ја реконструира оригиналната арома што е можно попрецизно.
Истражувачите овој развој во областа на технологијата за дигитални мириси го нарекоа Scentronic.
„Електронскиот нос“ има дијаметар од околу 15 сантиметри и е пренослив, иако не е дизајниран да се носи на телото. За примање на мирисите, истражувачите развиле неколку верзии на генераторот, вклучувајќи модели во форма на нараквица, ѓердан и уред што се држи во рака.
Засега, технологијата може да препознае само пет мириси: кафе, пиво, црвено вино, портокал и колач. Јанг напоменува дека дигиталната комуникација преку мириси може да се одвива на кое било растојание – од едниот до другиот крај на собата, па сè до другиот крај на планетата.
„Едноставно кажано, уредот го поврзува сетилото за мирис овде со создавањето на соодветниот мирис некаде на друго место“, вели Јанг.
Целта на истражувачите е еден ден да го додадат мирисот кон постојните можности на дигиталната комуникација – кои моментално се состојат главно од слика и звук. Ваквата технологија би можела да отвори можности за сосема нови искуства во виртуелната реалност, образованието и забавата, како и во комуникацијата на далечина.
Замислете, на пример, дека за време на видеоповик, не само што можете да ја видите и да ја слушнете личноста која е оддалечена илјадници километри, туку можете и да го почувствувате мирисот на кафето што таа го пие.
Засега ова е експериментална технологија, со многу ограничен опсег на мириси што можат да се препознаат. Сепак, истражувачите веруваат дека со понатамошен развој дигитализацијата на мирисите би можела да стане дел од секојдневната технологија. Ако оваа технологија се развива онака како што предвидуваат научниците, интернетот еден ден би можел да добие уште една димензија – онаа што, засега, не може да се пренесе со едноставен клик на глувчето: мирисот.
(byka.rs)
(фото: Pexels/Merve Tosun)





























