Кога ќе ги прашате работодавaчите кои вештини ќе им бидат потребни на денешните деца за 10 или 20 години отсега, кога ќе владее автоматизацијата, тие ќе ви речат меките вештини, односно сет од карактеристики како вмрежување, комуникација, преговарање, тимска работа и решавање проблеми. Во суштина, најбитна вештина ќе биде како детето да се сложува и се снаоѓа со другите.
Според анализата на последниот PISA (Programme for International Student Assessment) извештај, кој врши анализа на тоа какви резултати имаат 15-годишниците од земјите на ОЕЦД по природни науки, математика и читање, може да се види кои земји најдобро ги обучуваат децата за решавање проблеми преку соработка.
Азиските земји Сингапур, Јапонија и Јужна Кореја се на врвот на листата, а веднаш после нив се Канада, Естонија и Финска. Данска, САД и Обединетото Кралство исто така се во топ 10.
Според едно истражување, пак, на Hamilton Project од САД, 20% од менаџерите велат дека дипломците ги немаат потребни математички вештини, додека повеќе од половина од нив велат дека дипломците не обрнуваат внимание на детали, не се доволно описменети, не знаат да комуницираат. Една третина од меанџерите велат дека дипломците не знаат да анализираат податоци и да работат во тим.
Тоа само посочува на потребата од силни когнитивни вештини, а тие кои ќе ги поседуваат ќе имаат работа со полно работни време, додека тие кои нема да ги поседуваат овие вештини ќе имаат послабо платени работи. Анализата исто така покажува дека со тек на време силните технички и математички вештини се заменети со социјални вештини. Иако меките вештини до некоја мера се наследни и вродени, исто така може и да се стекнат и да се научат.
Според извештајот Future of Jobs на Светскиот економски форум, до 2020 година креативноста ќе стане една од трите неопходни вештини за да се најде работа. Со напливот на производи, нови технологии и нови начини на работа, ќе мора да се биде креативен за да се искористат промените.
Додека тврдите вештини се специфични, можат да се научат, да се дефинираат, да се измерат и да се добие диплома за нив, меките вештини не се опипливи и потешко се мерат, а не се ни добива диплома за нив. Затоа таквите вештини треба да се стекнат од мали нозе. Анализата PISA покажува дека некои образовни системи се движат во вистински правец. Финска веќе усвои модел каде што соработката е дел од редовната настава, а Франција сака да направи нешто слично со цел образовниот систем да ги вклучи и децата чии родители не се финансиски доволно моќни.