Зимата доаѓа со неколку лица во Европа – најсеверниот дел е прекриен со снег и живее неколку недели без сончева светлина, додека пак сликата е сосема спротивна долу на Медитеранот. Зошто треба овие неколку дестинации кои ги избра Lonely Planet да ги посетите токму во зима?
Овој период нема огромен број на туристи на овие места, а поради фактот дека не се работи за сезона, сместувањето е многу поевтино. Европа има развиена железничка мрежа, па за да ги видите убавините на терен, може да земете воз наместо авион од една до друга дестинација. Еве неколку предлози каде да отидете зимава.
1. Рованиеми, Финска
Ова место е официјалниот град на Дедо Мраз, поради што градот изобилува со божиќни клишеа. Омилениот брадест човек на сите престојува во пештерата која е дел од Арктичкиот круг каде можете да влезете бесплатно и да се фотографирате. Снегот и ирвасите наоколу додаваат на атмосферата, а особено интересен е и музејот Арктикум каде можете да видете како луѓето живеат во овие предели.
Пред да отпатувате во Рованиеми спакувајте доволно топла облека бидејќи температурите овде редовно се под 0 степени Целзиусови.
2. Божиќни пазари во Германија и Австрија
Декември е месецот кога вакви симпатични, историски пазари никнуваат ширум Германија и останатите држави во централна Европа. Штандовите кои нудат производи од ѓумбиров леб и варено вино до новогодишни декорации се во изобилство на овие пазари.
Најпознатите вакви божиќни пазари се во Келн, Минхен и Виена, но во последните години станаа традиција и за помалите градови, така што кој и да го изберете за посета, нема да зажалите.
3. Абиско, Шведска
Овој град е можеби најоддалеченото место во Европа каде можете да стигнете со воз. Градот Абиско во областа Лапонија е за сериозните вљубеници во зимата. Овде сонцето не изгрева неколку недели во текот на декември и јануари, но темнината ќе ви овозможи да посведочите на еден од најпрекрасните светски феномени – северната светлина или аурора бореалис.
Останатите атракции вклучуваат скијање преку националните паркови, а можете да го посетите и уникатниот хотел од мраз во Кируна.
4. Атина, Грција
Ако го посетите Партенонот во Атина во кој било друг период од годината, ќе мора да ги отстранувате илјадниците туристи од вашата фотографија пред зданието со Photoshop. Но, нема да го имате овој проблем доколку ја посетите Атина во зима, бидејќи ова е најдобриот период убаво да го разгледате античкото наследство на градот и да ја искусите локалната култура.
Доколку ви се пружи можност и најдете отворени места за сместување, можете да посетите и некои од околните острови.
5. Копенхаген, Данска
Доколку сакате на вашето зимско патување да си поминете како во бајка, тогаш вистинската дестинација за вас е градот на Ханс Кристијан Андерсен. Не мора да ја посетите познатата статуа на Малечката сирена, туку можете да отидете во малечките, прекрасни кафе барови, како и во забавниот парк од 19 век, Тиволи.
Овој парк во зима се претвора во вистинска божиќна дестинација, празнично украсен со светилки и декорации.
6. Будимпешта, Унгарија
Паровите кои скијаат на мраз дишејќи го ледениот воздух се прекрасна глетка во уникатниот парк во центарот на унгарскиот главен град, каде што рингот со мраз се простира на отворено. Доколку ви стане премногу студено, упатете се кон една од познатите термални бањи кои ги има Будимпешта и кои се доста посетени и во зима.
7. Јасна, Словачка
Словачка нуди висококвалитетни скијачки ресорти по поволни цени. Сместувањето и храната исто така се со разумни цени. Јасна е најдобриот словачки скијачки ресорт со долги и средени скијачки стази и со прекрасен поглед поради локацијата на планините Татра.
Благодарение на нискобуџетните авиопревозници, Словачка денес е подостапна од кога било.
8. Андалузија, Шпанија
Делови од Андалузија се наоѓаат појужно дури и од одредени делови на афричкиот брег, поради што во зима овде може да очекувате умерени температури. Во овој период и сместувањето е поевтино, а и гужвите се помали на познатите атракции како Алхамбра во Гранада или катедралата во Севилја.
Ноќниот живот и специјалитетот тапас се голем плус доколку се одлучите да ги посетите јужните делови на Шпанија овој период.
9. Трансилванија, Романија
Не е логично да ја посетите областа на грофот Дракула за време на сончеви денови, нели? Трансилванија во зима, иако со небо во сиви нијанси, изобилува со прекрасни пејзажи благодарение на снегот. На само два часа со воз се наоѓаат градовите Брашов и Сигисоара, кои зрачат со неверојатна средновековна убавина.
Иако познат како дом на Дракула, не очекувајте многу паралели на регионот со книгата, бидејќи авторот Брам Стокер, всушност, никогаш не ја посетил Романија.
10. Венеција, Италија
Неверојатно прекрасен, но малку и чуден, карневалот во Венеција кој се одржува во февруари секоја година е вистинска европска атракција. Накитените костими и уникатните маски ги оживуваат каналите на градот. Иако целосните маски можат да бидат доста скапи, можете да си купите маска и од уличните штандови и да посетите некој од бесплатните балови.