Денес во Клиниката Жан Митрев, во организација на Стопанската комора на Македонија се одржа Самит на мали земји и нови технолошки трендови во бизнисот на кој преку панел дискусии и дебати беше акцентирана важноста на дигитализацијата и новите технологии за развој на бизнисот и малите држави. Настанот со свое обраќање го отворија г. Кочо Анѓушев, заменик претседател на Владата на Република Македонија за економски прашања и академик д-р Жан Митрев, кардиохирург.
„Малите држави како Македонија немаат многу избор кога се работи за развој на бизнисот. Македонските компании мораат да бидат отворени кон светот и да воведуваат нови технологии со цел да бидат конкурентни прво на европските пазари, а потоа и на светските.“, изјави г. Анѓушев.
Тој потенцираше дека за да може да се придонесе кон стабилна економија, потребна стабилна политична состојба и владеење на правото, додека пак за зголемувањето на БДП во малите економии како што е македонската, клучни се два механизми и тоа извозот и инфраструктурните инвестиции кои треба да бидат продуктивни.
Д-р Митрев пак во своето воведно обраќање рече дека Клиниката Жан Митрев е всушност извозно ориентирана бидејќи многу странци доаѓаат да ги користат нејзините медицински услуги овде, и акцентираше како новите технологии кои се имплементирани во градењето на оваа нова болница и медицинските технологии како персонализираната медицина позитивно влијаат на развојот на здравството.
Останатите учесници вклучуваа бизнис експерти и од земјава и останатите држави од регионот, како Мојмир Оцвирк од Словенија кој изјави дека најважно е да се создаде клима во која младите и било кој човек ќе размислува како претприемач и да се види дали новите трендови што ги наметнува времето, може да им помогнат на претпремачите во малите држави успешно да преминат на глобалниот пазар.
„Најважно е да видиме дали новите трендови носат нешто ново на пазарите на малите држави кои не се доволно јаки за да можат да конкурираат на глобалниот пазар.“, додаде тој.
Денешната конференција треба да придонесе за подобрување на бизнис врските преку користење современа технологија, како и визија за правецот на движење на бизнис секторот во иднина.