Шпаркасе Банка е прва банка во Република Македонија што започна со финансирање на старт-ап бизниси во соработка со програмата ЕаСи на ЕУ. Преку програмата „Чекор по чекор“, наменета за поддршка и развивање старт-ап бизниси во Република Македонија, со фонд од околу 1,5 милиони евра, Банката ќе го поддржи развојот на младите амбициозни претприемачи со идеја за создавање сопствен бизнис.
Со оваа првата акцелераторска програма од овој вид компании што се во почетната фаза на отпочнување сопствен бизнис ќе добијат можност за кредитирање во износ до 25.000 евра. Што е уште поважно овие компании, односно нивните основачи добиваат и соодветна едукативна и менторска поддршка.
Токму за образовната компонента на „Чекор по чекор“ разговаравме со Марко Георгиевски, коосновач на Стартап Академија и Марија Матовска, програмска координаторка на Social Impact Lab и национална координаторка на Social Impact Award. Стартап Академија и Social Impact Lab се партнери на Шпаркасе Банка во спроведувањето на програмата „Чекор по чекор“ во делот на едукативна и менторска поддршка.
Разговараше- Верица Јорданова
Дали соработката на Шпаркасе банка со Вас како стартап заедница е прва од ваков тип во Македонија? Дали истата значи воведување на корпоративните иновации како концепт и во Македонија?
Марко Георгиевски: Досега неколку пати во Македонија банките организирале локални хакатони или стартап натпревари каде што се доделувала одредена парична награда, но „Чекор по чекор“ е прва програма со која банка во Македонија поддржува акцелерација за локални претпријатија. Програмата ќе биде спроведена од страна на Стартап Акдемијата и Social Impact Lab и нема да биде насочена кон решавање на интерни предизвици во банката, но сепак ќе поддржи стартап претпријатија кои ќе решаваат локални проблеми. Токму затоа во оваа фаза не би ја нарекле корпоративна иновација туку поттикнување на иновација од страна на банката кон локалниот бизнис сектор.
Марија Матовска: На овој начин заеднички влијаеме да ја унапредиме стартап сцената во Македонија, да им овозможиме на младите луѓе, на компаниите во рана фаза на развој, но и на социјалните претпријатија, кои што се релативно нова форма на организации кај нас, поедноставно да дојдат до првите средства за отпочнување и отворање на сопствен бизнис. „Чекор по чекор“, од друга страна претставува и еден светол пример како може да се градат долгорочни партнерстава меѓу големите компании, како Шпаркасе, малите бизниси, стартапите и граѓанскиот сектор. Ова за мене навистина претставува модел на корпоративна општествена одговорност кој би требало да го следат и другите. Само на овој начин можеме да изградиме одржливи системи, долгорочни решенија на моменталните предизвици и заеднички да изградиме едно поеднакво и поетичко општество.
Раскажете ни како воопшто дојде до соработката? Чија беше иницијативата?
Марко Георгиевски: Стартап Академијата и Social Impact Lab имаат организирано голем број настани и програми каде што Шпаркасе Банка била поддржувач или пак учествувала со свои ментори. Оттука се роди идејата директно да се започне нешто заедничко во таа насока. Решивме да ја започнеме акцелератоската програма Чекор по чекор каде што всушност Шпаркасе е главен иницијатор и поддржувач.
Марија Матовска: Шпаркасе банка е еден од најголемите поддржувачи и поттикнувачи на социјалното претприемништво во Македонија, но и во регионот. Веќе четврта година банката е наш главен партнер во програмата Social Impact Award (Награда за социјално претприемништво) каде создаваме бизниси кои имаат позитивно влијание врз општеството. Дел од тие бизниси можевте да ги видите и во кампањата #верувајвосебе. Некако логичен следен чекор беше да им понудиме на овие бизниси, но и на сите оние кои сакаат да се развиваат во доменот на социјалното претприемништво дополнителна поддршка и помош: едукација, менторство и пристап до иницијални средства.
Во која фаза од развојот е Чекор по чекор во моментов?
Марко Георгиевски: Во моментов сите учесници кои се пријавија беа евалуирани, а одреден број на тимови од цела Македонија се повикани на 22 декември во Универзитетот на Југоисточна Европа, на иницијалната средба каде што ќе ги воведеме во програмата.
Марија Матовска: Едукативниот дел и менторските часови ќе почнат после празниците. Нова година, нова енергија и идеи. 🙂
Раскажете ни подетално за Вашиот дел во проектот, односно едукацијата на тимовите кои ќе добијат шанса да влезат во проектот? Што ќе ги учите и кои аспекти ќе ги опфатите? Колку долго ќе трае? Како ќе се реализира?
Марко Георгиевски: Стартап академијата ќе спроведе 6 неделна акцелерација на тимови во Скопје, Струмица и Тетово каде што локален партнер е Технопаркот при Универзитетот на Југоисточна Европа. Методологијата која ќе ја користиме е основана на валидација на потенцијален пазар односно Lean Startup методологијата. Целосно практична и get out of the builidng пристап каде што учесниците ќе треба да ги валидираат претпоставките од нивниот бизнис модел разговарајќи со потенцијални клиенти, партнери, добавувачи и слично. Програмата ќе ги опфати сите полиња од бизнис модел канвасот, а учесниците покрај развивање на нивниот минимално изводлив производ ќе добијат и тренинг за презентирање на бизнисот пред потенцијални инвеститори, а во случајот тоа е Шпаркасе Банка.
Марија Матовска: Бизнисите со кои ние работиме се сите оние компании кои имаат импакт бизнис модел. Компаниите кои влегоа во програмата Чекор по чекор се многу различни. Некои компани веќе биле дел од нашите програми и се во понапредна фаза на развој, а дел од компаниите штотуку почнуваат. Токму затоа, за сегашните и идни бизниси ние ќе овозможиме дијагностика на фазата на развој во која се наоѓаат, самоевалуација и проценка, и врз база на тоа ќе им понудиме персонализирана и прилагодена едукативна програма. Бизнисите ќе имаат можност да ги доразвијат своите модели со помош на нашите локални и меѓународни експерти и ментори.
Методологијата која ја користиме се базира на: поставување на приoритети, изнаоѓање соодветно решение за проблемот (problem -solution fit), импакт бизнис канвасот, design thinking, воспоставување и менаџирање на тим, теорија на промена, вмрежување и градење на партнерства, и секако, како што напомена и Марко, со Стартап Академијата имаме зедничка цел, да ги оспособиме новите бизниси за презентирање на својата идеја или својот бизнис.
Какви ефекти очекувате од Чекор по чекор, особено врз стартап заедницата?
Марко Георгиевски и Марија Матовска: По завршувањето на програмата очекуваме тимовите да имаат валидирано потенцијален пазар и најдено решение (минимално изводлив производ) со цел задоволување на потребите на нивните целни пазари. Оттука се очекува тие тимови успешно да се претстават на завршниот настан за презентација на бизнисите (pitching) со цел добивање на потребната инвестиција. Нашата цел е да придонесеме кон стартап заедницата, односно очекуваме ефектите врз стартап екосистемот да бидат позитивни, зголемувајќи го бројот на успешно акцелерирани претпријатија во Македонија.
По што е уникатна оваа програма на македонскиот пазар?
Марко Георгиевски и Марија Матовска: Стартап академијата е единствената што во моментов нуди Lean Startup Методологија во процесот на акцелерација. Од друга страна, Social impact lab e еден од најголемите поддржувачи на социјалното претприемништво во државата. Кога на тоа ќе се додаде и корпоративен партнер како што е Шпаркасе банката се добива еден уникатен модел. Важно е да се потенцира фактот дека ова е прв пат една банка во Македонија да се реши директно да се вклучи во акцелерација на претпријатија кои се или социјални бизниси или компании во рана фаза на развој. Иако ново за нашата локална реалност, ваквите модели на соработка и унапредување на екосистемот се веќе докажана практика и бележат тренд на пораст во Европа и САД. Ние очекуваме ова да биде традиција, а со тоа да се поттикнат и мотивираат останатите банки и големите компании да спроведуваат вакви или слични програми.