Младински образовен форум организира бесплатно предавање „Fundraising for startups 101“ со Игор Маџов, во вторник, 23 јули, во „Јавна соба“ со почеток од 18 часот. Присутните ќе имаат можност да научат како може да го финансираат својот стартап во земјава, што треба да знаат пред да контактираат со инвеститори и како да дојдат до финансии.

Слушателите ќе се запознаат со:

– Животниот циклус на еден стартап
– Во која фаза стартапите до какви инструменти на финансирање можат да пристапат
– Како функционираат Ангел – инвеститори, крауд фандинг платформи, Фонд за иновации, акцелератори, фондови на ризичен капитал, како и пристап до грантови и банки)
– Што бараат/очекуваат инвеститорите пред да им пристапите
– Потребна документација
– Ресурси за поддршка на стартап компании во Македонија

Игор Маџов е инвестициски фасилитатор за Западен Балкан и „startup scout“ во регионалниот венчр капитал фонд „South Central Ventures“. Со повеќе од 15 години искуство и работа со стартап компании и иновативни бизниси, безусловно го поддржува развојот и растот на стартап екосистемите во Југоисточна Европа. Ко-основач е на Стартап Mакедонија со која работат на вмрежување на сите чинители и обезбедување подобра клима за развој и раст на стартапи. Се појавува како ко-организатор на Startup Europe Week, Startup Weekend, Global Enrepreneurship Week и учествува како ментор, советник и организатор на интернационални програми, конференции и настани. Неговата експертиза е во развојот на бизнисот на „tech“ компании, финансирање стартап компании и корпоративни иновации.

Ова предавање е дел од проектот „Ангажирање на приватниот сектор во образование за претприемништво“ кој во државата се спроведува од страна Младински образовен форум (МОФ) и Институт за европска политика (ЕПИ), со поддршка од Центарот за меѓународно приватно претприемништво (CIPE).