Беше тоа еден чудно топол зимски ден кога со моите пријатели од апликацијата за нарачување на храна Try Spicy влеговме во познатиот струшки ресторан Агапе. Не беше ни време за ручек, па ниту време вечера, така што беше вистински мирно. А погледот ми го привлече барменот во шанкот кој фокусирано создаваше коктели за еден пар кој седеше крај шанкот. Барменот со леснотија, како и што прилега впрочем, земаше шишиња и со голема брзина ги менуваше низ рацете без да го тргне погледот.
“Ова ти е еден од најдобрите, ако не и најдобриот бармен во Македонија. Повеќе од 10 години е на сцената.”- ми раскажуваат дечките од Tryspicy.com и го повикаа од неговиот свет во кој навистина сѐ се врти околу изработката на совршени коктели.
Со цврсто стегање на раката при поздрав и со срдечна насмевка дојде и се поздрави Никола Јосески. Така започнува приказната за еден од најдобрите бармени во поширокиот регион.
Интервју на Љубица Ангелкова
Кога прв пат се заинтересиравте за професијата бармен?
Работев некое време по струшките ноќни клубови,па добив шанса, тогаш да работам и во првиот коктел бар во Струга “Soho”.
Тоа беше мојата прва средба со коктелите. Таму научив дека има суштинска разлика да работиш во кафуле и во коктел бар. Тоа е едно повисоко ниво, кое ја дефинира многу јасно разликата што значи да си шанкер, а што значи да станеш бармен. Како течеа годините и се усовршував, денес сум на ставот дека бармен не значи само да знаеш да споиш неколку пијалоци и да додадеш мраз и да го презентираш тоа во убава чаша.
Ова е професија која има страшен прогрес, постојано се менува и колку да сте школувани, на својата професија вие продолжувате да работите секојдневно.
Што значи денес да се биде бармен?
Денес барменот е исклучително важен запчаник во машинеријата на угостителството. Неговата примарна задача е на гостите да им овозможи најквалитетно доживување на целата дестинација без разлика дали тие се гости во бар или во ресторан. Барменот создава незаборавни сеќавања, кои гостите итекако ги паметат.
Од кого учевте и каде за магичниот свет на коктелите?
Мојот прв учител, мој ментор беше Маријан Кукунешоски – сопственикот на коктел бар “Sohо” кој за жал одамна веке не постои. Од него научив многу работи и она што сум јас денес, е благодарение на него. Клучно важно е од кого ги учите првите нешта, кој ве воведува во тајните на професијата. Потоа само се надградувате. Затоа сум среќен што темелите на мојата професија беа поставени токму од него.
Во 2009 година се запознавам со Дарко Ангелески и Филип Арнаудов. Дарко е претседател, а Филип е потпретседателот на Асоцијацијата на бармени на Македонија. Од таа прва средба, па се до денес можам да кажам сé уште многу учам од нив. Само оној кој вистински се занимава со оваа професија добро знае зошто кажувам дека сé уште учам. Вистинскиот бармен учи додека може. Во 2013 година добив понуда за работа во Speakeasy во Скопје. Тоа е првиот бар од ваков тип во Македонија, место кое е задолжително треба да се посети. Барот е во сопственост на Даре и Филип и тука веке е запечатена мојата судбина како бармен. Или да поедноставам, ова е професија со која ќе се занимавам до крајот на животот.
Раскажете ни за Вашите учества на натпревари?
Моите први учества на натпревари се пак врзани со Маријан и моето работење во ‘Soho”. Во 2009 година ме убедува да се пријавам на првиот Vigor Barman Cup кој се одржа во Holliday Inn во Скопје.
Веќе во 2010 година победив на третото државно првенство за бармени на Македонија во конкуренција од 41 натпреварувач и станав првиот претставник на Македонија на Светското Првенство за Бармени во Сингапур.
Во периодот од 2011 до 2016 освоив најдобра техника на работа на Вигор Бармен Куп, две втори места на државните натпреварувања, две трети места на Трофеј Монтенегро во Црна Гора, најдобра техника на работа на Марие Бризард.
Во 2016 година победив на Државното првенство за бармени и станав учесник на светското првенство на бармени во Токио, Јапонија. Тоа е мојот последен натпревар.
Од 2017 година станувам судија на сите домашни барменски натпреварувања и на неколку меѓународни. Во 2013 година бев и судија на европското првенство на ниво на средни школи кое се одржа во Охрид, под покровителство на Средното угостителско училиште Лазар Танев од Скопје.
Од каде идејата да развивате концепт на коктели направени исклучиво од македонски пијалоци и дополнителни битери, ликери кои целосно тука се произведуваат?
Идејата да се развива таков концепт не е моја. Во светот, како што знаете оваа професија многу брзо еволуира. Познатите светски бармени етаблираа нов барменски тренд. А тоа е да се има индивидуален пристап, да се креира уникатна приказна, барот во кој се работи да има нешто само свое и препознатливо. И тука главно е ставен фокусот на регионот во кој сте и автентичноста која како бармен треба да ја развивате. И јас се приклучив во тоа движење, зошто реално Македонија има одлични потенцијали за автохтони коктели. Нашите винарии произведуваат врвни вина, се произведуваат и фантастични дестилати како што се ракијата и мастиката. Опкружени сме со природа која пак ни дарува зачини, билки, корени од кои може да правиме одлични битери, сирупи, ликери… Тоа значи дека имаме сé, другото е веќе креација и иновација.
Колку коктели има на таа ваша МКД листа?
Конкретно во ресторанот Агапе каде што сега работам, заедно со Давид Санџакоски врвен шеф и сопственик на ресторанот, сакавме да направиме нешто различно. Нешто во што ќе бидеме први и поразлични. Така, направивме мало, но содржински богато коктел мени кое се состои од коктели кои се направени исклучиво со македонски производи, битери и сирупи кои сами си ги правиме и слободно можам да ви кажам дека направивме нешто што е навистина моја голема лична гордост.
Здравствената криза го погоди сериозно угостителскиот бизнис, па така малку го одложивме планот со Давид Санџакоски да правиме уникатни вечери за одредени гости во кои ќе комбинираме врвна гастрономија и македонски коктели.
Но се надеваме дека набрзо овој план ќе го реализираме.
Коктелите се направени со бела или жолта ракија, со мастика, а некои содржат бело или црвено вино. Можеби ваквите комбинации не Ви изгледаат логично, но кој пробал бил воодушевен. Магијата е во соодносот на тоа што се меша и во деталите кои ги прават совршени.
Македонските коктели имаат и посебни имиња?
Да, и имињата не коктелите на ова мени се уникатни. Морам да признаам дека прво го направив менито, а потоа рандом прашував и запишував струшки уникатни имиња на коктелите, па така се родија коктел Староградски, Водарка, Мостови, Берба, Мугра,Такла. Такла е скокот во Црн Дрим од мостот.
Празници се, дали може еден рецепт да споделите со нашите читатели кои можат да го подготват во своите домови?
Еден од моите фаворити, а и фаворит на многу наши гости е секако коктелот Такла.Се состои од струмичка мастика, свеж сок од лимон, сируп од бозел, шеќерен сируп и сода вода. Се декорира со свеж босилек и кора од лимон.