12.8 C
Skopje
сабота, ноември 27, 2021

Голем светски успех на Првата водородна машина на „Брако“. По Белата куќа, Taјланд и Утрехт кои се следните дестинации?

Cementarnica USJE, mobile 19.11.2021

Утрехт е првиот холандски град кој од пред неколку дена ја одржува хигиената на своите улици и пешачки зони со помош на најновата зелена машина на „Брако“ од брендот „Грин машинс“, GM 500 H2. Станува збор за иновативна машина што работи на водороден погон, 100% еколошка, со 0 емисии на јаглерод диоксид и други штетни супстанции. Се движи и работи на електрична енергија, при што единствениот нус-производ e вода, која настанува од реакцијата на водородот во резервоарот и кислородот од воздухот.

Во ноември минатата година, „Грин машинс“ (Green Machines), компанија која е во сопственост на „Брако“, ја промовираше оваа машина на европскиот пазар, како револуционерен еколошки производ, паметен избор за паметни градови кои се грижат за животната средина и бараат одржливи решенија. Неколку месеци по промоцијата, првиот примерок е испорачан во Утрехт, а се очекува многу наскоро GM 500 H2 да биде присутна и на улиците на Амстердам и Ротердам.

Холандските екологисти ја поздравија оваа одлука на локалната власт во Утрехт, потенцирајќи дека нема потреба горивото да се дополнува на станици за водород, бидејќи производителот нуди модел со флексибилен кертриџ-систем. Тоа е навистина огромен адут на иновативната машина, бидејќи им овозможува пристап до најчистото гориво и на оние градови што немаат соодветна инфраструктура за полнење.

„Нема потреба од инвестирање во скапи системи за полнење водород. Празната водородна капсула може да се замени со нова на едноставен и безбеден начин, на кое било место и во кое било време“ забележува холандското еколошко здружение „Сè за водород“.

Да потсетиме, еколошката машина GM500ze на македонската компанија „Грин машинс“ (Green Machines), која е во сопственост на велешки „Брако“, го чистеше дворот на Белата куќа во Вашингтон, во пресрет на инаугурацијата на новиот американски претседател Џо Бајден. Таа дури го привлече и медиумското внимание.  Во престижниот „Политико“ се појави и зелената машина на „Брако“.

Од „Брако“ велат дека GM500ze не се нашла случајно во Белата куќа, бидејќи нивните производи веќе подолго време се извезуваат на американскиот пазар. Благодарение на сертифицираниот квалитет, нечујноста и иновативната технологија што не загадува, „зелените машини“ ги чистеле пешачките зони и на други познати локации, како Бакингемската палата во Лондон, плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, улиците на Сингапур, „Дизниворлд“, „Тајмс сквер“ во Њујорк итн.

Поради својот футуристички дизајн, овие возила го привлекуваат вниманието и на филмските режисери и се појавуваат во сцени од „Man In Black 3“ и „Star Wars: Episode I – The Phantom Menace“.

Револуционерниот производ на велешки „Брако“ е резултатот од работата на тим од 15 инженери од нашата земја кои ја развија GM 500 H2 во соработка со инженери од Холандија. Покрај холандските градови, интерес за зелената машина веќе има и на американскиот и британскиот пазар, во Јапонија, скандинавските земји итн. Намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид и обезбедување одржливи решенија е вградено во мисијата и визијата на „Грин машинс“. Најновиот член на семејството на зелените машини е продолжение на континуираните стремежи на компанијата.

Иле Атанасов

Иновативност пред неколку месеци разговараше со Иле Атанасов, директор во „Брако“ за камиони за чистење улици и медицински помагала по повод иновациите на оваа велешка компанија во сегментот на еколошки возила за одржување градска хигиена. Електричните возила на Брако се задолжени за чистотата на улиците на Париз, Рим, Лондон, Амстердам, Келн, Лисабон, Истанбул, Сингапур, Шангај, Тајпеј, Буенос Аирес и многу други, а најнови во гамата се возилата со погон на водород.

„Во гамата возила на БРАКО под брендот Грин Машинс, за прв пат во наши, но и светски рамки, приклучуваме возило за чистење на улици и јавни површини кое работи на погон на водород. Поконкретно, во основа се работи за електрично возило, каде сите битни функции се извршуваат со помош на електромотори. Притоа изворот на електрична енергија која ги задвижува електромоторите е горивна ќелија која како гориво користи водород складиран во сад под притисок и кислород од атмосферата, а како нус производ ослободува исклучиво чиста вода. Според нас водородот е гориво кое во блиска иднина има одлична перспектива пред се гледано од аспект на зачувување на животната средина и овозможувањето на одржлив развој во поголем број на области“.

Со кого соработувавте во овој проект?

Концептот на горивна ќелија со водород како гориво се појавува во далечната 1838 година. Како и секој друг пронајдок, од иницијалниот концепт до комерцијална примена е потребно да помине значителен период за да се усоврши пронајдокот и да се усогласи технологијата за производство. Кога веќе ја споменавме комерцијалната употреба на овој тип ќелии, мора да признаеме дека автомобилската индустрија е отидена најдалеку со нивната примена и развој. Ние како компанија се обидуваме да држиме чекор со примена на најсовремена технологија во нашата област. Ако пред 10 години бевме пионери со претставување на целосно електрично возило со 0 емисија на издувни гасови каде извор на енергија се користат литиум-јонски батерии, сега одиме чекор напред претставувајќи иновативно решение кое конкуренцијата се уште го нема понудено. Со тоа повторно успеаваме да ја зацврстиме нашата лидерска позиција.

Од иницијалните разговори и идеја до реализација поминаа скоро 2 години. Се започна кога ја понудивме идејата на пазарот и наидовме на позитивен фидбек од три големи градови во Холандија кои пројавија интерес да бидат првите корисници доколку им понудиме возило на водород. Таа идеја доби поддршка и од холандската влада преку нивниот фонд за иновации. Инволвирани во овој процес беа целиот тим за развој во рамки на БРАКО, кој се состои од искусни машински и електро инженери, во соработка со една холандска фирма која е специјализирана за овој тип на технологија.

Кои се клучните технички карактеристики на возилото на водород од аспект на енергетска ефикасност, бучност и друго?

Како што веќе напоменав, возилото на водород во основа претставува електрично возило така што бучавата што ја емитува е неспоредливо пониска во однос на возило со погон од мотор со внатрешно согорување. Споредбено со електричните возила кои користат батерии за складирање на електрична енергија, предноста на нашето ново возило е што дополнувањето на водород како гориво е многу брзо и е слично како дополнувањето кај возилата кои работат на фосилни горива. На долг рок, ако се форсираат возила со батерии, чие полнење е во ранг од еден или повеќе часови, ризикуваме да се соочиме со големи гужви на станиците за полнење и опасност од крах на енергетскиот систем. Друга предност на водородот е што лесно се складира и транспортира (дури и прекуокеански), а струјата која веќе е произведена нема можност да се складира и мора да се искористи во моментот.

Како всушност се добива водородот?

Водородот се добива по пат на електролиза на водата, при што за да настане реакцијата се доведува електрична енергија и се ослободува водород и кислород. Токму електричната енергија која што се користи за производство на водородот е добиена од обновливи извори, во најголем дел ветерници поставени во крајбрежјата на океаните, при што сите оние вишоци на енергија кои остануваат неискористени, односно претставуваат проблем за енергетскиот систем, таа енергија се користи за производство на водород. Значи, гледано од еколошки аспект имаме целосно еколошки прифатливо решение кое не ја уништува животната околина.

ИМАМЕ ГОЛЕМИ НАДЕЖИ ДЕКА ВОЗИЛОТО НА ВОДОРОД ЌЕ ДОЖИВЕЕ ГОЛЕМ УСПЕХ НА ПАЗАРОТ И ОЧЕКУВАМЕ НАРАЧКИ ВО НАРЕДНИОТ ПЕРИОД.

Интересна е информацијата дека Брако испорача возило во кралската палата во Тајланд? Кажете ни нешто повеќе за овој договор и дали имате и други нарачки?

Само што го испорачавме првото електрично возило во Тајланд чија намена ќе биде да чисти во една од неколкуте кралски палати. Доколку клиентите се задоволни од перформансите имаме најава дека ќе добиеме нарачка за уште 10 електрични машини.

Каква е побарувачката на електрични возила за градска хигиена во светски рамки? Вие ги извезувате на 30-тина дестинации? Кои се градовите каде се користат возилата на Брако и зошто токму вашите возила се конкурентни на светскиот пазар?

Електричното возило на Грин Машинс е присутно на пазарите веќе 10 години и е докажано со својот квалитет и надежност. Доказ за тоа се цели флоти од нашиот модел 500ze кои работат долги години во Париз, Рим, Лондон, Амстердам, Келн, Лисабон, Истанбул, Сингапур, Шангај, Тајпеј, Буенос Аирес итн. Конкуренцијата далеку доцни позади нас и тие дури пред 2 или 3 години почнаа да претставуваат електрични возила од овој тип.

Градоначалникот на Утрехт

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!