Успешно деветмесечје за НЛБ Банка – раст на добивката, кредитите и депозитите

- Advertisement -

НЛБ Банка успешно ги заокружи деветте месеци од годинава, покажува анализата на финансиските резултати за периодот од 01.01.2026 до 30.09.2026 година. Банката оствари добивка од 2.91 милијарда денари, односно 2.53 милијарди денари добивка по оданочување, при значителен раст на кредитното портфолио, зголемена депозитна база и зајакната капитална позиција. Резултатите ја потврдуваат деловната ориентација кон профитабилен и одржлив раст, поддршка на населението и компаниите и внимателно управување со ризиците и изворите на финансирање.

Во првите девет месеци од 2026 година, НЛБ Банка оствари добивка од 2.91 милијарда денари односно, добивка по оданочување од 2.53 милијарди денари, што претставува раст од 1,0% на годишно ниво, остварен и покрај повисоките трошоци за финансирање, оперативните расходи и исправките на вредност за кредитен ризик. Растот е поддржан од зголемениот обем на основната банкарска дејност и кредитното портфолио.

- Advertisement -

Кредитите кај компаниите и населението, заклучно со 30 септември 2026 година, достигнаа 111.0 милијарди денари, што претставува значителен раст од 18,7% на годишно ниво и 8,3% во однос на крајот на 2025 година. Кредитирањето беше главен двигател на растот на активата и ја одразува континуираната поддршка на Банката за граѓаните и компаниите. Кредитите кон нефинансиските друштва се зголемени за 19,4% на годишно ниво, додека кредитите кон домаќинствата бележат раст од 9,8%, поддржан од растот на станбените и потрошувачките кредити.

Вкупната актива на Банката достигна 159.4 милијарди денари, со годишен раст од 13,1% и раст од 1,6% во однос на крајот на 2025 година. На страната на изворите на финансирање, депозитите достигнаа 122.7 милијарди денари и се зголемија за 11,7% на годишно ниво, останувајќи доминантен и стабилен извор за финансирање на активностите на Банката.

- Advertisement -

Во изминатите девет месеци од годината, потврдувајќи ја својата улога на одговорен корпоративен граѓанин, НЛБ Банка остана доследна на својата заложба за вложување во заедницата, инвестирајќи во бројни општествено одговорни проекти насочени кон спортот, културата и традицијата, образованието и помош за ранливите категории на граѓани. 

Активностите на Банката беа проследени и со меѓународни признанија. НЛБ Банка го доби признанието „Најдобра банка за физички лица во Македонија“ од Euromoney Awards for Excellence 2026, а во септември Банката се стекна и со сертификатот „Top Employer 2026“ од Top Employers Institute, како меѓународно признание за примената на високи стандарди во управувањето со човечките ресурси и работното искуство.

- Advertisement -

Остварените резултати во деветмесечниот период ја потврдуваат стабилноста на деловниот модел на НЛБ Банка и успешната реализација на приоритетите од Стратегијата 2030. И во претстојниот период Банката ќе продолжи да се фокусира на раст на основната банкарска активност, унапредување на кредитните, депозитните и платежните производи и услуги, дигитална трансформација, подобрување на клиентското искуство и одржливо финансирање, при внимателно управување со кредитниот ризик, ликвидноста, трошокот на финансирање и капиталната позиција.

- Advertisement -