20 C
Skopje
недела, април 11, 2021

Првото македонско сертифицирано органско бело вино „Фариш“ го произведе семејната винарија „Пешков“ од Кавадарци

Kabtel desktop

Семејната винарија „Пешков“ од Кавадарци неодамна на пазарот го промовираше првото сертифицирано органско бело вино во Македонија, под името „Фариш“. Традицијата на производство на грозје, веќе три генерации е дел од семејството Пешкови. Од пред неколку години тие почнаа да произведуваат и вино, а веќе следната година одлучија традицијата да ја преточат во бизнис со регистрирање на семејната винарија. Идејата да се произведе органско вино, како што вели Петре Пешков, енологот во семејството, произлегува од нивното мото: да се работи во склоп со природата, а не против неа. Во тој правец jа замислуваат иднината, во која сето грозје и вино што ќе ги произведат да бидат органски. Пешков смета дека еколошкиот начин на живот и производство е иднината во оваа земјоделска гранка.

Разговараше – Сања Наумовска

Г-дин Пешков, колку време постои винаријата „Пешков“ и кој е тимот што го направи виното?

Семејната винарија „Пешков“ официјално е регистрирана во јули минатата година. Во изминатите неколку години произведувавме вино за домашни потреби, а со новите измени во законот со кои се олеснија условите за регистрација на семејни винарии, одлучивме да се регистрираме. Нашата винарија претставува семеен бизнис, што значи дека од одгледувањето на лозовите насади, па се до бербата на грозјето, е вклучено целото семејство, односно моите родители, како и моите баба и дедо. Кога станува збор за крајната фаза, односно преработката на грозјето во вино, главните обврски и следење на целиот процес од почеток до крај, е во моја надлежност бидејќи сум дипломиран енолог и главен носител на овој бизнис.

Неодамна го промовиравте вашиот нов продукт, сертифицираното органско бело вино „Фариш“. Која е неговата уникатност со која ќе го освојува пазарот?

Уникатноста на нашиот нов производ „Фариш“, е тоа што е единственото сертифицирано органско бело вино во Македонија. Тоа значи дека при обработувањето на лозовите насади не се користени вештачки ѓубрива и хемикалии, туку насадите од кои потекнува грозјето за ова вино се третирани само со органски ѓубрива кои не оставаат негативни последици на екосистемот. Во производството на виното не се употребени адитиви ниту вештачки бои. „Фариш“, исто така е во ограничени количини. Произведовме лимитирана серија од само 1.000 шишиња.

„Фариш“ е произведено од сортата смедеревка и се карактеризира со висока свежина, присуство на арома на зелено јаболко и има светложолта боја. Виното е произведено во строго контролирани услови но и со многу љубов, голема посветеност и желба да се достигнат карактеристиките на врвно вино. Од друга страна, пак, задоволството е поголемо затоа што сме свесни и дека природата останала неоштетена.

Дали винаријата има и други вина кои се произведуваат од органско грозје?

Нашата винарија, покрај „Фариш“, произведува уште две други сорти на вина, од сортата на грозје темјаника и од сортата вранец. Овие вина се произведени од грозјето од нашите сопствени лозови насади, кои се во преодна фаза кон органски, што всушност е период од три години во којшто лозовиот насад преминува од конвенционален во органски. Во оваа преодна фаза, лозовите насади се третираат само со органски препарати. Уште еден наш производ е и маџунот што го правиме од вранец, во строго контролирани услови.

Каков е патот до органски производ? Дали условите во Македонија се наклонети за органско производство на грозје?

Органскиот начин на производство е потежок од конвенционалниот. Конкретно, во одгледувањето на лозови насади потребен е поголем ангажман во кој не се користи механизација и има многу повеќе рачна работа. Од друга страна е и економски поскапо, односно вложувањата во ова производство се секогаш повисоки отколку во конвенционалното. Што се однесува до местоположбата, нашите лозови насади се наоѓаат во село Ресава, на надморска височина од 400 до 450 метри. Во Македонија има услови за органско производство само во одредени микролокации, а ние имаме среќа што нашето село Ресава е една од нив.

Зошто се одлучивте за производство на органско вино?

Јас сум прва генерација во семејството што се занимава со производство на вино, а лозовите насади се наследство од мојот дедо. Како голем љубител на природата сè почесто сум сведок за нејзина сè поголема експлоатација, во последно време дури и до загрижувачки размери. Од друга страна гледам дека многу малку правиме за нејзино заштитување. Токму од таа причина кога размислувавме за почеток на производство на вино, без двоумење се одлучив за органско производство. Бенефитот кој го добивам од природата сакам да го возвратам на ист начин. Се надевам дека мојот пример ќе го следат уште многу производители на грозје во иднина и дека со нашите индивидуални заложби ќе ја покачиме свеста за одговорно размислување и подобар начин на живот. Кога ние сме внимателни кон природата, таа ни возвраќа многу повеќе.

Кои се вашите планови за во иднина?

Мојата визија е винаријата во иднина да произведува само органско вино. Тоа значи дека нашите лозови насади целосно ќе се префрлат на органско производство, а тоа грозје ќе се користи за производство на нашите вина.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •