15.8 C
Skopje
вторник, септември 28, 2021

Јапонците рециклираа над 6 милиони стари телефони и ги претворија во олимписки медали

Kabtel desktop

Дека Јапонците се подготвени да ги направат најдобрите Олимписки игри досега, и покрај сите препреки, се гледа од нивниот однос кон целокупната организација. Иако одржувањето на игрите беше одложено на една година, се трудат се да помине во најдобар ред.

А Олимписките игри во Токио не би биле тоа што се да не се Јапонците такви какви што се и да не воведеа технологија во секој можен аспект. Така, членовите на организаториските тимови добија посебни сензори за да се спречат топлотни удари, а новинарите посебни паметни беџови кои ќе служат за размена на податоци и ќе го заменат ракувањето.

Но, Јапоницте покажаа и колку се грижат за околината и за одржливоста. Имено, подготвија посебни медали. Во рамките на проектот „Кон иновативна иднина за сите“ од 1 април 2017 до 31 март 2019 година граѓаните на Јапонија можеа да донираат мали електронски уреди и смартфони кои потоа беа рециклирани, а благородните метали кои беа во тие уреди беа претопени и искористени за правење на олимписките медали. Така целата нација учествуваше во создавањето на симболите за одличност кои со гордост ќе ги носат спортисти од целиот свет.

Беа собрани речиси 79.000 тони мали електронски уреди и речиси 6,21 милиони стари мобилни уреди, од кои беа добиени 32 кг злато, 3.500 кг сребро и 2.200 кг бронза. Наместо сето тоа да заврши на рециклирање од собраниот материјал беа направени околу 5.000 олимписки и параолимписки медали.

Освен самите медали, Јапонците се погрижија и врвците на кои ќе бидат обесени тие медали да бидат направени од посебни хемиски рециклирани полиестерски влакна, кои се исклучително издржливи. Исто така, и кутиите во кои ќе бидат ставени медалите се направени со спој на традиционални и модерни техники, а секоја е уникатна.

Олимписките игри во Токио уште сега влегоа во историјата како првите игри на кои целата нација учествувала во изработката на медалите од рециклирани материјали.

(фото: Tokyo Olympic Games)

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •