Пред повеќе од две години Иновативност објави интервју со еден супер иновативен тим од Битола кој направи свој бренд на CNC машина – GOBA cnc (computer numerical control) со широка употреба во многу индустрии. Оттогаш досега многу работи се променија во тимот на Благоја Стојчевски што всушност е и повод повторно да поразговараме за развојот на компанијата, плановите и можностите за раст на нови пазари.
Новинар – Верица Јорданова
За вашата уникатна CNC машина (Goba cnc) пишувавме пред повеќе од две години. Кажете ни како се развиваше Goba во меѓувреме? Кои се пазари ги освои и дали можеби доби и одредени надградби?
Доста работи се променија од нашето последно интервју, ГоБа ЦНЦ продолжи забрзано да расте бидејќи понуди нешто што фалеше на нашиот пазар и тоа нашите клиенти го препознаа.
Започнавме со голем ентузијазам и во тогашните работилници кои ги поседувавме со нашиот тим дизајниравме една машина која смени се’. Како што кажав, клиентите ја препознаа нашата идеја и побарувачката на нашите иновативни технички решенија продолжи да расте.
Денес, имаме проширен тим и голем производствен погон со доста опрема и машини за обработка и изработка на метални компоненти. Најголем дел од компонентите потребни за нашите ЦНЦ машини и специјални решенија ги дизјанираме и изработуваме сами. Со ова можеме да го контролираме квалитетот на секоја компонента која се вградува во нашите продукти и воедно ни дава можност за брзо прототипирање и развивање на специфични решенија.
Одразот на се’ ова може да се види во тоа што, во рок од две години, имаме развиено седум различни типови на машини (ЦНЦ фреза за обработка на дрво, ЦНЦ плазма за отсекување на плочест метал, ЦНЦ фреза за обработка на железо, машини за обработка на мермер, стиропол, лед и Цо2 ласер) со повеќе од петнаесет подкатегории на истите.
На наше изненадување, нашите клиенти многу често бараат и ,,custom made’’ решенија во делот на автоматизацијата и изработката на машините.
Тука можеме да се пофалиме со иновации во:
– Роботска автоматизација со роботска рака FANUK, која може да се искористи во процеси на сериско заварување, фарбање, нанесување на лепило и композитен материјал.
– Мелачи за хартиени хилзни од печатарска индустрија.
– Паметни паркинг станици за електрични превозни средства.
– Автоматизација и надградба на постоечки процеси (Retrofitting).
Гледано од аспект на побарувачката, каков е инетресот за ваков вид на опрема? Од каде се купувачите? Како се развиваше во овие години домашниот пазар?
Нашата идеја, работа и потенцијал беше препозната од инвеститорите. Понудите почнаа да пристигнуваат и се случи приклучување на инвеститор во нашата компанија, поради што дојде до промена на името на истата, од Тримод Тим во Proaxis Innovation. Главната цел на ова сопственичка промена е проширување на пазарите на цел Балкан, Европа и во Соединитетите Американски држави под новото име Proaxis Innovation.
Во насока на оваа визија, во месец мај присуствувавме на два саеми во Приштина и Белград каде што го претставивме нашиот ЦНЦ плазма модел Arccutter PA153 V2. Сега можеме да се пофалиме и со неколку веќе пласирани производи во Косово и Србија, но и нови потенцијални соработници заинтересирани за отпочнување на продажба и претставништва.
Морам да кажам дека од ден на ден побарувачката на ЦНЦ машини расте. Најпозитивно е тоа што нашите компани се повеќе и повеќе ги разбираат бенифитите од поседувањето на ЦНЦ машина и воедно од модернизацијата на своето производство. За наше задоволство, доста ново отворени мали компании својот бизнис го засноваат врз работата на овие ЦНЦ машини. Многу често се случувало преку различни мерки и механизми што ги има нашата држава да добијат помош при набавката на ЦНЦ машини и така започнуваат свој бизнис. Има и случаеви каде што овие клиенти по кус период, со свои средства набавуваат уште една или две машини од кај нас.
Во однос каде се продаваат нашите машини, моментално најмногу сме застапени на домашниот пазар, а после нашето изложување на саемите во Приштина и Белград имаме голема заинтересираност и нарачки на овие пазари.
Како во меѓувреме се развиваше вашиот тим? Колку е тешко или лесно во Битола да развивате или одржите тим, и дали има ли pool за избор на таленти?
Нашиот тим постојано се усовршува и надоградува со знаење и експертиза за одредени области, особено во делот на автоматизација и автоматика на индустриски процеси.
Во изминатите години имавме доста промени. Дојдоа нови, си заминаа стари колеги, но имаме тука и колеги кои се со нас од самиот почеток.
Како компанија вложуваме во нашите вработени, преку обуки и литература за нови технилогии со цел да бидеме во чекор со се што е ново во оваа област.
Во овој момент сме во процес на добивање на сите потребни сертификати и стандарди кои само ќе го потврдат нашиот квалитет и посветеност.
За жал, моментално понудата на кадар во оваа област е мала. Најголем дел од нашите сегашни колеги стигнале кај нас со некои основни знаења и вештини па се развивале и граделе со нови знаења потребни за нашата компанија. Со ова сметаме дека даваме придонес во развивањето на ваков тип на знаења кои се нови во нашата земја.
Мора да кажам дека заинтересираноста за работа со вакви технологии е голема.
Какви ви се вашите идни планови и развојна визија?
Плановите за идниот период се доста големи, и очекуваме да ги оствариме секако заеднички со целиот тим.
Како што кажав, работиме на добивање на сите потребни сертификати и лиценци за извоз. Имаме и вложувања во капитални инвестиции и секако, вложување во вработените затоа што тие се основата на секоја работа и без тим не би успеале да постигнеме ниту една цел.
Сега ни останува максимално да се посветиме во освојување на нови пазари и да останеме иновативни како и досега.
Како и секогаш, нашите постојани но и идни клиенти се на прво место, а ние сме тука како тим секоја нивна идеја да ја претвориме во реалност.
Како што сакаме да кажеме ние, со нас не добивате само машина, со нас добивате и тим кој секогаш стои зад вас!