Во Италија веќе неколку денови е во тек петиција со која се бара да им се забрани на децата да користат паметни телефони и да имаат профили на социјалните мрежи, пишува „Анадолу“.
Петицијата ја започнаа педагогот Даниеле Новара и психотерапевтот Алберто Пелаи. Тие бараат воведување законска регулатива со која ќе се забрани децата помлади од 14 години да поседуваат мобилни телефони и децата помлади од 16 години да имаат свои профили на платформите на социјалните мрежи.
Според италијанските медиуми, оваа петиција поддржана од многу познати лица веќе почнала да буди дискусии во јавноста.
Министерот за образовании Џузепе Валдитара од десничарската коалициска Влада во изјава за агенцијата АНСА рече дека се согласува со исказите на познатите личности.
„Ова е став што сѐ повеќе се споделува на меѓународно ниво. Штетата предизвикана од раната употреба на мобилни телефони и социјални мрежи сега им е очигледна за сите“, рече министерот Валдитара.
И покрај мислењето на Валдитара, министерката за млади и спорт Андреа Абоди во својата објава на социјалните мрежи изјави дека забраната не е вистински начин и дека проблемот треба да се реши со дијалог.
Педагогот Новара, еден од луѓето што го донесоа ова прашање на дневен ред во Италија, за весникот „Ла Република“ изјави дека ситуацијата во врска со користењето мобилни телефони и социјални мрежи од страна на децата е надвор од контрола.
Студијата објавена во „Ла Република“ открива дека 47 % од децата на возраст од 11 до 19 години поминуваат повеќе од пет часа дневно на интернет-апликации, а во 2020 година оваа стапка изнесувала 30 %.
Италијанскиот министер за образование Валдитара во јули изјави дека потпишал циркулар со кој се забранува употреба на паметни мобилни телефони во училниците за која било цел, вклучително и образованието.
(Радио МОФ)
Фото –