Интервју со Ана Костадиновска Н., автор на практична обука за Бренд менаџмент
Ана Костадиновска Николова, преку својата компанија Луна маркетинг и продажба, работи како консултант за унапредување на брендови, креирање на маркетинг материјали и видео продукција, но и како предавач – мотиватор на обуки и предавања наменети за деловни луѓе.
Во своето 20-годишно работно искуство, таа се насочува кон маркетинг продажен менаџмент, во делот на директен маркетинг и телемаркетинг, а подоцна се изградува во интернационална средина како бренд менаџер со менаџирање на брендови како Делимано, Нутрибулет, Мои рецепти, Дормео и сл. Во 2021 одлучува да го пренесе стекнатото знаење преку „Практична обука за Бренд менаџмент“, која ги опфаќа сите аспекти од менаџирањето на еден бренд. Притоа се пренесува локалното искуство во Македонија и интернационално, со многу практични примери адаптирани според групата на учесници.
Разговараше – Верица Јорданова
Ана, како дојде до идејата за создавање на твојата практична обука за Бренд менаџмент?
Во текот на годините од моето работење, многу често сме биле сведоци на мали бизниси чии сопственици ќе вложат речиси се` што имаат за да го започнат бизнисот, но потоа без конкретна маркетинг промоција едноставно не успеваат да допрат до купувачите. Во мене тлеела идејата дека некако треба да се едуцираат колку е битен маркетингот во целокупната стратегија на работењето. Без маркетинг нема продажба. Од друга страна, кога се разделував со колегите од претходната фирма во која поминав скоро 19 години, речиси сите пораки од нив содржеа зборови: “Благодарам за се` што ме научи“. Тоа ме изненади, но и ме освести дека навистина отсекогаш сум сакала да го споделувам знаењето и да ги поттикнам другите да се надградат себеси. Така некако дојде до поривот да ја креирам мојата обука за Бренд менаџмент.
Како одеше процесот на креирање, дали од некои конкретни извори, твои обуки кои си ги посетувала и сл.?
На учесниците обично уште на првиот час им кажувам дека само првата дефиниција за тоа што е бренд е нешто што е преземено како „готово“. Инаку целата останата содржина е креирана според она како јас практично сум менаџирала еден бренд и кои се` аспекти треба да се земат предвид при креирањето на маркетинг продажната стратегија. Затоа што маркетингот не е само пуштање една реклама. Тоа е сложен процес кој тргнува уште при креирање на портфолиото на производи и услуги, ценовната стратегија, маркетинг активностите и кампањите, но и организирање на тимот со кој се работи и создавање на услови во кои тој тим најдобро ќе може да ги спроведе стратегиите. Така, една по една тема, се создаде структурата на обуката која е еден сумиран концепт за менаџирањето на еден бренд или бизнис.
Кој бил твојот омилен бренд на кој си работела?
Без двоумење – Делимано. Во него се спои мојата љубов кон готвењето и маркетингот. Започнав како бренд менаџер за Македонија од една тава, до десеттиот роденден кога се изгради како препознатлив бренд, со огромно портфолио на производи.
Од градење на маркетинг-продажна стратегија и реализација, продукт портфолио, копирајтинг, видео продукција, до организација на спроведување на кампањите, следење и оптимизирање на резултатите, па и готвење, тестирање производи и снимање видео рецепти… Градење на првата најголема заедница на љубители на готвењето преку „Мои рецепти“ и многу друго.
Зошто токму „Бренд“ менаџмент?
Градењето на бренд, на долг рок, носи многу придобивки, како препознатливост меѓу конкуренцијата, лојални купувачи, полесен пласман на нови производи, емотивна врска со вашите купувачи и др. Не случајно, големите светски брендови вложуваат околу 10% од своите приходи на градење на имиџот на брендот. Во мојата обука тоа е еден вид потврдување на овие постулати и пренесување на личното искуство во разликата меѓу продавање на производ и градење на бренд. Обуката започнува со објаснување на вредноста на она што значи бренд во очите на купувачите, како и елементите на бренд идентитетот кои помагаат да ја пренесеме суштината и уникатната предност на нашиот бренд. Воедно, независно дали сега креираме нов бренд, или имаме постоечки кој не е доволно дефиниран, доколку самите не знаеме која е нашата предност и вредност, тоа нема да го знаат ни купувачите. Но, со оглед дека бизнисите кај нас најчесто работат со ограничени маркетинг буџети, имаме и посебна тема околу тоа како може да се комбинираат активностите за брендирање и продажните активности, во рамки на целокупната маркетинг продажна стратегија.
Што значи она „практична“ обука за Бренд менаџмент?
Често учесниците се изненадуваат дека обуката се одржува онлајн, а како тоа е практична (што најчесто се поврзува со одредена пракса). Но, идејата за тоа е дека во текот на обуката разгледуваме практични примери од работењето на учесниците. Основните примери во обуката не се некои „фенси“, најскапи примери, туку едноставни примери кои треба да ја покажат суштината што треба да содржи еден маркетинг елемент. Во текот на обуката, како што се менуваат темите, имаме и мали „домашни“ задачи да се подготви некој пример на темата, па наредниот час го анализираме со групата. Исто така, доколку некој од учесниците има одреден проблем, недоумица во своето работење поврзано со некоја од темите, правиме еден бреинсторминг и развиваме дискусија што и како би можело да се примени. Заради тоа се работи во мали групи, за да може да се обрне доволно внимание на секој учесник.
За кого се препорачува оваа обука?
Обуката е универзална и применлива за сите што работат во маркетинг – продажниот сектор. Најпривлечна е за сопствениците на мали бизниси кои работат во мали тимови и многу често не доаѓаат до моментот на креирање маркетинг стратегија и промоција. Исто така, за сите кои веќе работат во оваа сфера и сакаат да го освежат, надградат или сумираат своето знаење. Но, се препорачува и за поголеми бизниси кои имаат членови на различни менаџерски нивоа на маркетинг и продажба, па сакаат да ги вклопат како тим кој заеднички ќе работи во креирањето и реализирањето на стратегиите. Имаме и обуки за група вработени од иста компанија. Тогаш се фокусираме на нивните конкретни примери и проблеми и како тоа да се подобри и надгради, или пак според потребите кои ќе ги наведе менаџментот.
Какви се реакциите на учесниците?
Јас сум среќна што најголемиот дел од нив се презадоволни и во нивните коментари по обуката споделуваат дека им била корисна и убава. Едноставно, како што посетуваме семинари, конференции и други настани за освежување на идеите во работењето, така и оваа обука е добредојдена да се дојде до нови гледишта и начини на организирање на работењето. Притоа, ги поттикнувам уште додека трае обуката тој еден месец, да се обидат, да започнат да применуваат дел по дел од елементите како што ги поминуваме темите.
Воедно, ги потсетувам дека ако работите со љубов, ништо не е тешко. Од друга страна, ако вие не го сакате вашиот бренд, никој друг нема да го сака повеќе од вас.
За да дознаете повеќе и да се пријавите на обуката за Бренд менаџмент, посетете ја https://luna.com.mk/ или Фејсбук страната на Луна маркетинг и продажба.