Изборот на темнa чоколадa наместо млечнa чоколадa може да понуди повеќе од промена во вкусот – исто така може да го намали ризикот од дијабетес тип 2 покажа една нова студија. Студијата на Школата за јавно здравје T. H. Chan на Универзитетот Харвард ја следеше исхраната и здравјето на 111.654 медицински сестри во текот на една деценија. Нејзините резултати открија дека јадењето пет или повеќе порции темна чоколада неделно е поврзано со 21% помал ризик од развој на дијабетес тип 2.
Зголеменото консумирање темна, но не и млечна чоколада е поврзано со помал ризик од дијабетес тип 2, истакнаа авторите на споменатата студија, објавена во списанието BMJ. Спротивно на тоа, внесот на млечна чоколада се поврзува со зголемување на телесната тежина и не покажува слични придобивки.
Студијата ги исклучила учесниците со екстремен внес на калории и ги земала предвид факторите како начинот на живот и исхраната. Иако таа идентификувала силна поврзаност на намален ризик од дијабетес тип 2 со консумирањето темна чоколада, таа не утврдила каузалност.
Внесувањето млечна и бела чоколада може да не доведе до исти метаболички здравствени придобивки поради повисокиот процент на додаден шеќер, истакнуваат авторите на студијата. Високата содржина на флаванол во темната чоколада, која исто така се наоѓа во овошјето и зеленчукот, може да игра улога. Овие соединенија претходно се поврзуваа со намален ризик од дијабетес.
Потребни се дополнителни рандомизирани контролирани испитувања за да се реплицираат овие наоди и дополнително да се истражат механизмите, додаваат авторите на студијата.
Глобалната преваленца на дијабетес, која зафати 463 милиони луѓе во 2019 година, се предвидува да се зголеми на 700 милиони до 2040 година. Новите наоди нудат надеж со тоа што сугерираат дека прилагодувањата на исхраната, како што е изборот на темна чоколада, би можеле да ги поддржат напорите за превенција од дијабетес.
(Science Alert)
(фото: stocksnap.io)