Синиша Петровиќ за развојот на СИНПЕКС: Како семејната традиција го донесе македонскиот бренд на регионалната мапа

- Advertisement -

Синиша Петровиќ е личност која совршено ги спојува традицијата и иновацијата. Од своите почетоци како семејна компанија со визија за иновација, СИНПЕКС денес е препознаен како водечки регионален играч кој застапува глобално познати брендови како John Deere, Husqvarna, Liebherr, Valvoline и многу други. Во ова интервју, Синиша Петровиќ, син на основачот Славко Петровиќ, ни раскажува како се гради бренд што трае со децении, кои се предизвиците и анегдотите од патот и кои нешта му помогнале да ја пронајде сопствената визија во бизнисот. Како второ поколение во СИНПЕКС, тој не само што ја продолжува визијата на својот татко, туку ја надградува со нови пристапи и технологии. Неговата филозофија, втемелена во етика и посветеност, е рефлексија на вредностите што го одржуваат СИНПЕКС релевантен веќе три децении. Во ова интервју, Синиша открива како љубовта кон џезот му помага да импровизира во бизнисот, кои се најголемите предизвици со глобалните брендови и како семејната култура останува сржта на успехот.

Новинарка | Љубица Ангелкова

- Advertisement -

Фотограф | Коста Дупчинов

Синиша, вие сте второ поколение во СИНПЕКС. Како се чувствувате кога гледате колку пораснала компанијата која вашиот татко ја започнал?

- Advertisement -

Почнав да работам на свои 19 години, паралелно со студирањето. Првите шест години поминав во Пољоопскрба, а од 1990 година сум целосно вклучен во СИНПЕКС. Во мојот ум, секогаш сум бил дел од компанијата – како да сум тука од првиот ден. Кога ќе погледнам назад, времињата тогаш беа сосема различни, можеби поедноставни и понаивни од денешните. Тогаш немаше приватни компании како денес, а корпоративната култура беше сосема различна. Се чини дека проблемите денес се далеку покомплексни и посложени, а оние што тогаш изгледаа големи, сега делуваат мали и едноставни. Но, гледајќи каде сме стигнале денес, чувствувам гордост и одговорност да ја продолжам визијата на татко ми.

 Која беше најважната лекција што ја научивте од вашиот татко за водењето семеен бизнис?

- Advertisement -

Две работи ми остави татко ми. Прво, бизнисот треба да биде израз на семејната култура – каков си во животот, таков си и во бизнисот. Втората, уште поважна лекција беше трудот. Тој ни вгради посветеност кон задачата, не во смисла да направиме пари, туку да ја завршиме работата квалитетно. За него парите беа нуспроизвод на добро завршена работа, а не единствена цел. Токму таа посветеност е, верувам, она што нè одржа досега.

Од семеен бизнис до водечки регионален играч – што мислите дека е најголемиот успех на СИНПЕКС досега?

Главната разлика што нè прави уникатни е „ширината“ на нашата понуда. Ние се занимаваме со различни сегменти – од земјоделска и градежна механизација, преку ситни машини и алати, до комунални и индустриски услуги. Ова ни овозможува да покриеме широк пазар, но бара и флексибилност за адаптација кон различни потреби. Секој сегмент носи свои предизвици, но воедно ни дава и сила која е специфична за нашата компанија.

Компанијата денес застапува големи имиња како John Deere, Husqvarna, Liebherr и Makita. Како изгледа процесот на соработка со такви глобални брендови?

Од овие брендови многу научивме. Секој од нив доаѓа од различна култура и бара своја посебна адаптација – John Deere е од Америка, Husqvarna од Шведска, Makita од Јапонија, Liebherr од Германија, Tafe од Индија. Секој од нив има своја деловна филозофија и начин на работа, што значи дека мораме да се приспособуваме на нивните очекувања и стандарди. Со оваа соработка успеавме да го формираме нашиот деловен модел и да ја развиеме уникатната култура на СИНПЕКС која ги комбинира овие различни пристапи.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочивте во работата со овие водечки светски брендови?

Главниот предизвик е да го одржиме нивниот светски стандард на нашиот пазар. Притисокот е постојан – ако не успееме да ги задоволиме нивните очекувања, маркетшер резултатите кои ни се поставуваат , компанијата и брендот можат да претрпат последици. Потребно е секој член на тимот да ја разбере важноста на квалитетот и дисциплината. Тоа е единствениот начин да се остане конкурентен во регион со голем број ривали и различни пазари.

Дали постои анегдота или интересен момент од вашите соработки со некој од овие брендови кој би сакале да го споделите?

Имаме една интересна случка од тестирањето на нова машина во Америка. Еден од нашите возачи ја тестираше машината на пробен полигон, но машината не можеше да застане – полигонот беше комплетно уништен. Прво сите се смееја, но кога сфатија дека штетата е поголема од очекуваното, ситуацијата стана комична и хаотична. Тие моменти се дел од искуството што го носи соработката со врвни брендови.

Како застапник на брендови како Gardena и Husqvarna, кои посветуваат внимание на одржливоста, како СИНПЕКС се вклопува во овој тренд?

Одржливоста и проактивноста се задолжителни, бидејќи други компании нè следат и ги копираат нашите чекори. Трговијата е многу комплексен процес што бара голема логистичка поддршка и одлична организација. Имаме набавки од 40-50 земји и работиме во различни сектори, што значи дека треба постојано да бидеме чекор пред другите. Сите сме свесни дека одржливоста е иднината, и за нас тоа не е само збор, туку принцип по кој се водиме. Исто важни се и промените кои патем ги правиме. Промените мора да станат корпоративна култура.

Во време кога иновациите и технологиите брзо се развиваат, како се адаптирате за да останете конкурентни?

Проблемот е што технологијата се развива многу брзо, а кај нас прифаќањето доцни. Разликата е голема – сопствениците на фирмите и управувачите на машини често немаат ист пристап кон новата технологија. Повеќето сопственици преферираат поедноставни, издржливи машини, наместо високо софистицирани со нови системи и навигации. Имаме клиенти кои го разбираат потенцијалот на новите технологии, но поголемиот дел сè уште преферираат поедноставни решенија. Доколку новите технологии не се следат, јазот станува пореголем и компаниите не ке можат да ги усовршуваат технолошките промени кои неминовно доагаат.

Каква е вашата визија за СИНПЕКС во следните 10 години?

Нашиот пазар е Западен Балкан – Босна, Србија, Албанија и Косово. Границите стануваат се повеќе отворени, и верувам дека природниот развој на СИНПЕКС ќе биде да се зајакне уште посилно регионално. Западен Балкан е нашиот „полигон“, и тука ја гледаме нашата иднина, на овој поширок простор на кој и денес СИНПЕКС е значаен извозник на овие пазари.

 Како семејството влијаеше на вашите деловни одлуки и како ги одржувате тие вредности во компанијата денес?

 Семејството е нашиот свет – живееме и работиме во истиот универзум. Децата се веќе воведени во бизнисот и го разбираат нашето темпо, но времето ќе покаже колку ќе го продолжат нашиот пат. Основата ја дадовме, а успехот понатаму ќе зависи од нивните лични одлуки и вложување.

Ваша голема страст е џезот. Како влијае музиката на вашата креативност и пристап кон бизнисот?

Музиката е присутна во сите моменти, добри или лоши. За мене, љубовта кон музиката и љубовта кон бизнисот се испреплетуваат. Ако не ја сакаш музиката и не ја сакаш работата, нема да ја разбереш таа поврзаност. Завршив нижо музичко училиште за пијано, но џезот стана природен избор за мене. Тој ми отвори врата за креативност и способност за импровизација, што во бизнисот е исто така важно. Како во џезот, така и во бизнисот, мораш да најдеш ритам, да си флексибилен, но и да останеш на темата. Љубовта е таа која лежи тука.

Доколку би имале шанса да разговарате со татко ви денес, што мислите дека би му кажале за СИНПЕКС и како би се чувствувал за постигнувањата?

Татко ми, кога ги броеше последните години, ни рече: „Деца, пишман сум што ве воведов во оваа работа. Како вие ќе испливате од ова, не ми е јасно.“ Имаше специфичен хумор и, иако делуваше сериозно, верувам дека би се гордеел со тоа каде стигнавме. Ние останавме на патот што тој го трасираше, како што пеевме некогаш – не застранивме од неговите вредности.

Што би им препорачале на младите кои сакаат да се вклучат во семеен бизнис или да развијат свој?

Слушав пред некое време еден говор на Бил Гејтс пред студенти, каде им рече: „Животот не е фер – и навикнете се на тоа.“ Јас би го прилагодил на нашиот начин и би рекол: La vita e bella – животот е убав (или по македонски Ла Вита е БЕЉА…хахах). Ништо што е инстант не е благословено. Работете напорно и трпеливо, а резултатите ќе бидат трајни. Младите денес сакаат сè да се случи веднаш, но трајниот успех бара време и посветеност.

Има ли некој цитат или животна филозофија што ве води во животот и бизнисот?

Мојата животна и бизнис-филозофија се темели на 10-те Божји заповеди, адаптирани за секојдневната работа и личен развој. Верувам во важноста на принципите, етиката и почитувањето на туѓиот труд. Квалитетот и репутацијата секогаш треба да бидат поважни од профитот, а чесноста и лојалноста се основа за долгорочен успех. Соработката, наместо ривалството, го гради вистинскиот напредок, додека фокусот на сопствениот пат, наместо споредувањето со другите, носи лична и професионална исполнетост.

Сподели!
- Advertisement -