Употребата на дронови во земјоделското производство, опремени со најмодерна технологија е тренд во светот, а обезбедувањето одржливост и еколошки начин на производство на храна е предизвик и за многу развиени држави. Македонија е позната по својата плодна почва и одличните услови за органско земјоделство. Иако традиционалните начини на одгледување храна се сѐ уште најзастапени, македонските земјоделци сѐ повеќе имаат на располагање најмодерни технологии, кои се развиваат и од домашни, македонски компании.
Мартин Михајлов е соосновач на стартапот Авифлај заедно со Дејан Михајлов и Филип Ковилоски. Тој вели дека користат најсовремени дронови, а во моментов развиваат и решение за автоматска детекција на болести базирано на вештачка интелигенција. Дроновите веќе се користат на нивите низ земјата за скенирање и анализирање на земјиштето, детектирање болести, штетници и недостатоци на хранливи материи, врз основа на кои се утврдува соодветен третман на посевите.
Новинар – Сања Наумовска
Мартин, вашиот стартап Avifly работи на дизајнирање технологија за употреба на дронови во земјоделското производство. Објаснете ни за што точно станува збор?
Авифлај (Avifly) е стартап создаден од љубопитност, иновација и потребата да го направиме земјоделството попрецизно, поефикасно и поодржливо. Нашата мисија е едноставна, но амбициозна – користење на најсовремени дронови и вештачка интелигенција за да им помогнеме на земјоделците да добијат подобри приноси со помалку трошоци и помал еколошки отпечаток.
Во суштина, Avifly комбинира напредна беспилотна технологија (дронови) со интелигентни софтверски решенија. Нашите дронови, како DJI Agras T50 и Mavic 3M, не се само машини што летаат – тие се мобилни лаборатории опремени со мултиспектрални камери, прецизно ГПС насочување, системи за прецизно нанесување на препарати и прихрана. Ова ни овозможува да скенираме обработливи површини, да детектираме болести, штетници и недостатоци на хранливи материи, а потоа прецизно да ги третираме само засегнатите делови од нивите.
Ваквиот пристап со дронови кон одгледувањето на храна, на земјоделецот ќе му даде голем чекор кон заштеда на трошоците и времето. А со тоа ќе биде многу по конкурентен во однос на останатите.


Какви информации може да добие еден земјоделец кој ќе користи ваков тип на технологија?
Најпрво, земјоделецот добива детална мапа на целото негово земјиште со скенирање со дрон со мултиспектрална камера. Од тука, со помош на специјализиран софтвер може да добиеме прецизни информации за секој дел од земјиштето или посевот. Практично е исто како да сте внатре во нивата, а дополнително на тоа, се добива информација што не може да се види со голо око. Ваквите мапи на земјоделецот му даваат можност да види што се случува со посевот – пред време. Овие информации можеби нема да им бидат од голема корист на некои земјоделци и затоа, тука доаѓа и другото решение. Третирање со дрон.
Овие дронови со капацитет од 40 литри може да испрскаат околу 15 хектари за еден час, а може да нанесуваат зрнеста прихрана или семиња до 1500 килограми на час, што е многу побрзо отколку со трактор.
До сега, ваквите начини на третирање и анализа на земјиштето биле скоро па и недостапни за земјоделците. Но, со помош на овие дронови, трошоците за ваквите услуги е драстично намалена, односно пониска отколку со трактор.
Работите и на надградување на веќе прифатената технологија која се користи во светот со софтвер за за детекција на болести. До каде е развојот?
Покрај директната можност што ја нудиме на земјоделците со дроновите, она на што во моментов работиме, е и софтверско решение за автоматска детекција на болести. Софтверот кој е во почетна фаза, го развиваме со вештачка интелегенција, кој ќе овозможи автоматска детекција на болести, а во следната фаза, и предвидување на болести кои ќе се појават на посевот. Анализата се прави од фотографии од дрон, кои имаат регуларна (RGB) камера, а исто така и мултиспектрална камера. Тука агрономите играат клучна улога во развивањето на овој софтвер, кои помагаат да се дојде до точен и функционален софтвер. Затоа, Авифлај е отворен за секој агроном што сака да се вклучи во развивање на ваквото решение. Голема поддршка за развој на нашата идеја добивме и од страна на ГИЗ- GIZ North Macedonia – The German Society for International Cooperation, како финансиска, така и со нивната стручност и искуство во руралниот развој во Македонија.


Какви ќе бидат придобивките за производителите од користењето на дронови за скенирање на посевите?
Земјоделците најдобро знаат колку е важно навремено да се препознае проблемот на нивата – секој ден задоцнување може да значи загубен принос. Со ваквите дронови, производителите добиваат „очи од небото“ – прецизно скенирање на посевите со мултиспектралникамери, кои во реално време покажуваат каде има болести, недостатоци на хранливи материи или проблеми со наводнувањето. Наместо да се третира целата нива на слепо, нашите алгоритми овозможуваат прецизна апликација на заштитни средства, што ја намалува потрошувачката на пестициди и ѓубрива за 30-50%. Ова не само што ги намалува трошоците, туку и ја штити почвата и водата од прекумерна контаминација, што е во согласност со новите еколошки стандарди на ЕУ. Дополнително, земјоделците заштедуваат време и работна сила, бидејќи дроновите брзо покриваат големи површини, елиминирајќи ја потребата за физичко проверување на секој агол од нивата. Користејќи ги овие податоци, производителите носат подобри одлуки, минимизираат загуби и го зголемуваат приносот, што им овозможува да бидат поконкурентни на пазарот. Ова не е само технолошки напредок – ова е нов начин на размислување за земјоделството, каде што дигиталните алатки стануваат неопходни исто како тракторот или системот за наводнување.
Во кои земјоделски гранки може да се користи оваа технологија?
Технологијата на дронови се користи во различни земјоделски гранки, вклучувајќи полјоделство, овоштарство, лозарство, градинарство, како и сточарство и шумарство.
Во житните култури, овозможува рано откривање на болести и прецизна апликација при третирање и прихрана, додека кај овоштарниците и лозјата дополнително помага и во мониторингот на здравјето на растенијата и плодот. Како и кај другите култури, во градинарството дроновите обезбедуваат детални податоци за состојбата на културите, зрелост и броење на плодови, што е клучно за зголемување на приносот и квалитетот.
Благодарение на нивната флексибилност и брзина, дроновите се адаптираат на различни земјоделски системи, овозможувајќи поодржливо и попродуктивно производство.
На кој начин функционира? Дали производителите треба да имаат големи предзнаења за да можат да ја користат?
Токму поради оваа причина, за да не се зголемат вложувањата на земјоделецот, а да добијат оптимизација на производството – заштеда на финансии и време, Авифлај ги нуди овие можности достапни за секој земјоделец. Нема потреба од поминување на обуки за софтвери или летање на дронови, добивање на лиценци и одобренија.
Низ целата година, ние го вршиме скенирањето, обработката на податоците и третирањето со дрон. Анализата на скенираната мапа, може да си ја прави самиот агроном што се грижи за полето, или пак во консултација со наш агроном, да се анализира и да се изработи план на работа во таа фаза.

Кога се очекува да започне со користење?
Нашите дронови веќе се активни на терен, а земјоделците во Македонија веќе имаат можност да ги користат нашите услуги за скенирање и прецизно третирање на посевите. Со оглед на зголемениот интерес и брзиот развој на технологијата, очекуваме во следните неколку сезони ова да стане стандардна практика, особено со зголемените регулативи за намалување на хемиските препарати. Наша цел е што повеќе производители да ја усвојат оваа иновација, без комплицирани процеси или дополнителна опрема.
Какви се вашите планови за во иднина?
Сакаме Avifly да стане синоним за прецизно и одржливо земјоделство во регионот. Активно работиме на развој и имплементација дроновите во земјоделитето. Во наредните години, планираме да воведеме нови модели на дронови со зголемена прецизност на нанесување на препаратите.
Освен тоа, активно се залагаме за соработка со институции, истражувачки центри и агро-компании за да ја унапредиме оваа технологија.
Нашата крајна цел? Да создадеме иднина каде што земјоделците ќе имаат повеќе принос, помалку трошоци и минимално еколошко влијание – и тоа без сложени процедури, туку со паметни, лесно достапни решенија.

