„Семејниот бизнис е бескрајно патување, патување кое постојано се развива. Токму кога мислите дека имате нешто да се справите, работите се менуваат и треба брзо и ефикасно да се прилагодите“. Овој исказ које е на членовите на еден семеен странски бизнис важи за сите бизниси ширум светот. За семејните особено! Долгорочниот развој, одржливоста на компанијата во кондиција за следните генерации е императив до кој мора да се држат семејните компании.
Навидум едноставно, но во пракса предизвикувачки особено кога бизнисот е во производство на храна, поле полно со бројни секојдневни предизвици. Желбата на менаџментот долгорочно да го подигне бизнисот на едно повисоко ниво природно ги доведе до потребата да побараат експертска/консултантска помош за да откријат како да стигнат до посакуваните цели.
Оваа бизнис приказна преточена во видео, е приказна за спојот на бизнисот со консултантството, веќе докажана спрега која води до резултати!
Елена Лалевска Илиев е основачка и управителка на пекарата Елида ЕКС и ЕЛИДА МАРКЕТИ од Куманово, чија што цел е да го зголемат пазарниот удел, да ја подобрат ефикасноста во работењето и да станат еколошки поодговорен субјект. Првата задача која си ја зададе Елена по договорената соработка со консултантката Ирина беше да работат заеднички во процесот на бизнис дијагностика со цел објективно да се лоцираат силните, и уште поважно слабите страни во работењето.
„ Бизнис дијагностиката ни овозможи да формулираме стратегии кои се насочени кон оптимизација на нашите операции и проширување на пазарот. Пример, бизнис дијагностика ни покажа дека нашите пекарски производи се препознатливи на локално ниво, но има можности за ширење на пазарот и на асортиманот, и подобрување на самиот бренд вклучувајќи и пакување, брендирање, реклама“, вели Лалевска Илиев. Важно е исто така што консултантката лоцирала потреба за подобрување на организациската структура, која сопственичката се надева дека ќе донесе позитивни промени како за самите вработени така и за деловните резултати.
Ирина Аврамска Пашовска е бизнис консултантката која ја изработи бизнис дијагностиката на Елида со фокус на: анализа на пазарната позиција на компанијата, фининасии, тековна организациска структура и продуктивност.
“Би сакала да нагласам дека процесот на бизнис дијагностика не е само за идентификување на проблеми, туку и за информирано и целосно стратешко планирање односно поставување јасни и остварливи цели. На малите и средни компании кои сакаат не само да опстанат туку и да го зголемат своето учество на пазарот, бизнис дијагностика може да им донесе целосен пресврт. Бизнис дијагностиката помага во донесување на информирани одлуки кои се во согласност со нивните стратегиски цели како и во зголемување на конкурентноста. Со разбирањето на пазарната позиција и анализата на конкуренцијата помага МСП правилно да ја насочат и искористат конкурентната предност“, вели Аврамска Пашовска.
Нивната заеднична соработка и секојдневна анализа на работењето на Елида во изминатите неколку месеци е од огромно значење за долгорочната одржливост и подобрување на ефикасноста и продуктивноста на оваа кумановска компанија. Амбициозноста на овие две жени и нивната посветеност кон успех е видлива. Бизнис дијагностиката која Ирина ја направи дефинитивно ќе и помогне на Елена да го подобри правецот на компанијата.
“Според насоките од консултантката веќе направивме план на активности и дефиниравме и нови таргети каде сакаме да се позиционираме и што сакаме да постигнеме. Имаме капацитет и производствен и човечки и поради тоа можеме уште повеќе да оствариме не само за нас туку и за локалната економија“, децидна е Лалевска Илиев потенцирајќи дека ангажирањето на консултант им отворило нови перспективи и модерни практики кои се клучни за развој. “Нашата стратегија сега е насочена кон зголемување на присутноста на пазарот, развивање на нови производи и влегување во нови географски региони. Со поддршката од нашите консултанти, веруваме дека Елида ќе продолжи да расте и да се зајакнува не само на домашниот туку и на надворешни пазари“.
Овој пример на успешна примена на методите на бизнис дијагностика го потврдуваат непишаното правило дека бизнис дијагностиката ќе биде успешна само доколку корисникот на истата е вклучен целосно во процесот, од навремено доставување на информации, до редовни интервјуа и состаноци со сите релевантни вработени, како и преку континуирана комуникација со цел процесот да има континуитет но и да бидат вклучени сите засегнати страни од самиот почеток.
Притоа, менаџерите и сопствениците мора многу свесно и реално да ги прифатат наодите и препораките и да бидат спремни за преземање чекори, кои понекогаш можеби и нема да бидат лесни и едноставни.
“Моја препорака до компаниите е дека навистина би сакала да се зголеми свесноста за важноста од практикување на редовна бизнис дијагностика со цел да се поттикне култура на континуирано подобрување и иновации“, препорачува Аврамска Пашовска
Елида е посветена компанија која се грижи за своите вработени, за заедницата во која делува но и за животната средина. Во таа насока компанијата неодамна набави неколку вендинг машини за собирање и селекција на пластичен отпад од Пакомак. Со ова се дава дополнителен придонес кон јакнење на свесноста во јавноста за потребата од селекција и рециклирање на пластичниот отпад, поголема заштита на животната средина и долгорочна одржливост на одговорните компании како Елида Куманово.
Новинар- Верица Јорданова
Снимател – Синиша Илијески
Оваа активност е поддржана во рамките на Швајцарскиот проект за модернизација кој го спроведува Свисконтакт