Јужна Кореја го одобри барањето на Google за извоз на високопрецизните податоци од мапите на земјата на сервери во странство, што претставува голем пресврт по две децении одбивања и отвора пат за американскиот технолошки гигант да влезе на пазар доминиран од локални апликации.
Одобрението е дадено „под услов да се исполнат строги безбедносни барања“, соопшти Министерството за земјиште, инфраструктура и транспорт во официјално соопштение.
Условите вклучуваат замаглување на воените и другите чувствителни објекти поврзани со безбедноста, како и ограничување на географската ширина и должина за јужнокорејската територија на производи како што се Google Maps и Google Earth.
Google мора да обработува податоци од мапите на сервери лоцирани во земјата и му е дозволено да извезува само податоци поврзани со услуги за навигација и давање насоки што претходно биле одобрени од владата.
Јужнокорејската влада, исто така, го задржува правото да бара измени на мапите, а Google мора да воспостави рамка за спречување на безбедносни инциденти за да може да реагира во итни ситуации, додаде министерството во соопштение.
(Klix.ba)





























