Социјалната платформа TikTok повторно им е достапна на корисниците во Албанија, откако овој месец истече едногодишната забрана воведена од албанските власти. Случајот повторно ги отвори прашањата за границата меѓу заштитата на јавниот интерес, онлајн-безбедноста и можната цензура, особено во политички чувствителен амбиент.
Забраната беше воведена минатата година, по трагичниот случај на тинејџер кој изврши самоубиство поради онлајн-малтретирање. Властите тогаш одлучија целосно да го блокираат пристапот до платформата, која е во кинеска сопственост. Според владата, во меѓувреме TikTok презела конкретни чекори за унапредување на безбедносните механизми и за заострување на контролата врз содржините.
Но, одлуката се одвиваше во сложен политички контекст. Албанија изминативе години се соочува со тензии поврзани со обвинувања за политичка корупција, додека владејачката партија го започна својот четврти последователен мандат. Опозицијата обивнуваше дека забраната била политички мотивирана и насочена кон ограничување на јавниот простор за комуникација непосредно пред парламентарните избори минатата година.
Во изјава за Ројтерс, владата на премиерот Еди Рама соопшти дека социјалната платформа одговорила на забелешките на институциите и вовела дополнителни безбедносни и јазични филтри. Според официјалниот став, токму забраната придонела да се изврши потребниот притисок врз компанијата за да ги подобри стандардите за заштита на корисниците.
Со повторното активирање на платформата, останува отворено прашањето како државите можат ефикасно да ја регулираат дигиталната сфера, без притоа да ја нарушат слободата на изразување – баланс што сè почесто станува клучна тема во современите демократии.
(Marketing365.mk)
Фото – Pixabay





























