Мета, која е сопственик на Инстаграм, наводно отстранила милиони сметки на ботови во големата акција за чистење на платформата во текот на 2026 година.
Според PopBase, кампањата погодила голем број познати личности, инфлуенсери и сметки со огромен број следбеници.
Инстаграм претходно имплементирал слични акции за да ја зголеми автентичноста на платформата и да го намали бројот на лажни и неактивни сметки. Меѓу најпогодените, според PopBase, е американската инфлуенсерка и милијардерка Кајли Џенер, која наводно изгубила повеќе од 14 милиони следбеници.
Други познати корисници на платформата, исто така, забележале пад на следбениците, а непотврдени медиумски извештаи споменуваат дека фудбалерот Кристијано Роналдо и јужнокорејската поп група BTS биле меѓу погодените, кои исто така изгубиле милиони следбеници. Компанијата Мета изјави дека оваа акција не влијае на „активните“ следбеници.
„Како дел од нашиот рутински процес на отстранување на неактивни сметки, некои корисници на Инстаграм можеби забележале промени во бројот на следбеници. Активните следбеници не се засегнати, а секоја обновена суспендирана сметка ќе биде повторно вклучена во бројот на следбеници по верификацијата“, рече претставник на компанијата.
Сметка на бот е автоматизирана програма што работи на социјалните мрежи и се однесува како вистински корисник, но извршува задачи самостојно и со голема брзина. Ваквите сметки често се користат за лажни интеракции, спамирање и автоматско објавување содржини.
По оваа акција, социјалните мрежи беа преплавени со реакции на корисниците. Многумина ја нарекоа целата ситуација „Големата чистка на 2026 година“, бидејќи се разбудија со драстично намален број следбеници на нивните сметки. Некои корисници тврдат дека дури и официјалната сметка на Инстаграм на платформата X изгубила речиси девет милиони следбеници.
„Дури и официјалната сметка на Инстаграм наводно изгубила повеќе од девет милиони следбеници за време на чистењето. Никој не бил безбеден“, се пошегува еден корисник на мрежата X.
(Blic)
Фото – Negative Space





























