Нафтените залихи во најразвиените земји во светот би можеле до крајот на годината да паднат на најниско ниво откако американската Администрација за енергетски информации (EIA) води евиденција, односно од 2003 година. Според најновата прогноза на EIA, вкупните резерви на нафта на земјите-членки на OECD ќе паднат на помалку од 2,3 милијарди барели до декември, првенствено поради големиот губиток на производството предизвикан од војната меѓу САД и Израел против Иран и прекините во сообраќајот низ Ормутскиот теснец.
EIA претпоставува дека поморскиот сообраќај низ Ормутскиот теснец, низ кој минува околу една петтина од светската трговија со нафта, нема да се врати на нивоата пред конфликтот пред почетокот на 2027 година. Како резултат на тоа, пазарот мора да ја компензира загубата од околу 11 милиони барели дневно од производството на Блискиот Исток со користење на постојните залихи, што ќе доведе до рекордно брзо празнење на складиштата, објавува Ројтерс.
Агенцијата предупредува дека ваквиот пад на залихите создава услови за значителен пораст на цените на нафтата во наредните месеци. Иако веста за можен договор меѓу САД и Иран за повторно отворање на Ормутскиот теснец ги намали цените донекаде во последните недели, EIA истакнува дека сè уште не е склучен договор и дека поголемиот дел од производството во регионот останува надвор од промет. Поради ова, глобалните залихи продолжуваат да се намалуваат за да се задоволи побарувачката.
Според проценката на EIA, цената на северноморската нафта од типот Брент на спот пазарот во текот на јуни и јули ќе биде во просек околу 105 долари за барел, што е значително повисоко од приближно 92 долари за барел што ги покажаа фјучерс договорите во вторник. Агенцијата верува дека цените ќе останат високи сè додека не се нормализираат глобалните текови на нафта и не се надополнат исцрпените залихи.
Во исто време, EIA проценува дека високите цени на нафтата, помалата достапност на гориво и владините мерки насочени кон заштеда на енергија ќе доведат до пад на светската побарувачка за нафта оваа година. Тоа би бил првиот пад на потрошувачката од пандемиската 2020 година. Агенцијата сега очекува намалување на глобалната побарувачка за околу 1,1 милион барели дневно, додека претходно прогнозираше зголемување од 200.000 барели дневно.
Фото – Flickr




























