Цените на нафтата паднаа за над 20% -танкерите се вратија во Ормутскиот теснец, пазарот се смирува

- Advertisement -

Цените на нафтата паднаа на нивоата забележани пред почетокот на војната со Иран кон крајот на февруари, додека бројот на танкери што минуваат низ Ормутскиот теснец, еден од најважните светски бродски патишта за транспорт на енергија, се зголемува.

Цената на суровата нафта Брент, која е глобален референтен стандард, падна денес на 72,24 долари за барел, што е малку пониско од нивото забележано денот пред ракетните напади на САД и Израел врз Техеран на 28 февруари. Цените паднаа за повеќе од 20 проценти овој месец.

- Advertisement -

Дополнителен сигнал дека во моментов нема недостиг на пазарот е фактот дека цената на договорите за нафта за август е пониска од оние за септември, при што септемврискиот Брент се движи околу 73,59 долари за барел.

Според CNN и MarineTraffic, сообраќајот на бродови низ Ормутскиот теснец се дуплирал во последните 24 часа и достигнал највисоко ниво од крајот на февруари. Ипек Озкардескаја, виш аналитичар на инвестициската платформа Swissquote, истакна дека намалувањето на цените е резултат на фактот што танкерите повторно минуваат низ теснецот со вклучени сателитски сигнали, што укажува на намалување на безбедносните ризици.

- Advertisement -

Како што изјави таа, комбинацијата од ослободување на стратешки резерви на пазарот, падот на побарувачката во Кина, како и поголемиот број танкери кои претходно го напуштија Персискиот Залив без активни системи за следење, доведоа до мало прекумерно снабдување на некои пазари.

Главниот инвестициски стратег на Wealth Club, Сузана Стритер, оцени дека стравувањата од долгорочна глобална енергетска криза предизвикана од конфликтот со Иран постепено исчезнуваат.

- Advertisement -

Нафтата се враќа на нивоата пред кризата, но европските пазари остануваат претпазливи. Инвеститорите, исто така, ги следат последиците од рекордниот топлотен бран и загриженоста за слабиот економски раст низ цела Европа“, рече Стритер.

Во меѓувреме, танкер регистриран во Либерија го напушти Ормутскиот теснец во четврток користејќи нова рута по должината на брегот на Оман, препорачана од поморска агенција на Обединетите нации, и покрај заканите од Револуционерната гарда на Иран. Иако Иран и САД потпишаа меморандум за разбирање минатата недела, кој предвидува 60-дневен период за разговори за траен мировен договор, тензиите меѓу двете земји повторно се зголемуваат поради различните толкувања на условите од привремениот договор.

Ситуацијата во Либан предизвикува дополнителна загриженост. Израел изврши воздушен напад на југот на земјата во среда, при што загинаа две лица, објави либанската државна новинска агенција. Тоа беше првиот израелски напад врз Либан откако најновото примирје стапи на сила минатата сабота.

Сепак, аналитичарите веруваат дека цените на нафтата ќе продолжат да паѓаат, бидејќи производителите го зголемуваат производството, а капацитетот на инфраструктурата постепено се обновува. Стритер предупредува дека Европа, исто така, влегува во нова енергетска фаза предизвикана од екстремна топлина. Цените на електричната енергија на големо во вечерните часови оваа недела достигнаа повеќегодишни максимуми на неколку европски пазари поради зголемената употреба на системи за ладење во канцелариите, јавните институции и домаќинствата.

Озкардескаја проценува дека цената на нафтата ќе се движи помеѓу 60 и 80 долари за барел во наредните недели.

  • Геополитичките ризици не исчезнаа, бидејќи Блискиот Исток ретко останува целосно мирен. Во исто време, Кина постепено ќе се враќа на пазарот на нафта како што ќе се намалуваат тензиите, додека многу земји ќе почнат да ги надополнуваат своите стратешки резерви, што ќе апсорбира дел од дополнителната понуда“ заклучи таа.

(Kamatica)

- Advertisement -