Меѓународната агенција за енергија објави дека глобалната побарувачка за нафта ќе се намали оваа година за прв пат од 2020 година, додека потрошувачката на бензин во САД во вториот квартал од 2026 година се зголеми.
Падот на глобалната побарувачка, кој според извештајот треба да изнесува околу 1 милион барели дневно во 2026 година, е поврзан со повисоките цени на нафтата и прекините во физичкото снабдување.
Кризата беше продлабочена од војната меѓу САД и Иран, поради што бродовите што превезуваат сурова нафта останаа блокирани во Персискиот Залив повеќе од три месеци и не можеа безбедно да поминат низ Ормускиот теснец, еден од клучните патишта за испорака на нафта и гас.
„Иднината на Ормускиот теснец е веројатно понеизвесна денес отколку што беше на почетокот на војната“, рече Џим Буркхард, потпретседател и раководител на истражувањето за сурова нафта во S&P Global Energy. Тој додаде дека Иран сè уште се обидува да го контролира теснецот, додека САД не успеаја целосно да го вратат нормалниот сообраќај.
Глобалната побарувачка за нафта во мај во просек изнесуваше 97,9 милиони барели дневно, што е за 5,3 милиони помалку од претходната година. Најголем пад е забележан во Азија, особено во Кина, каде што потрошувачката се намали за 1,5 милиони барели дневно, или девет проценти.
Буркхард наведува дека поради зголемувањето на цените напролет, Пекинг драстично го намали купувањето на нафта на светскиот пазар, додека Даниел Стерноф од Центарот за глобална енергетска политика на Универзитетот Колумбија објасни дека Кина привремено го забави полнењето на стратешките резерви.
Во јуни, кревкото прекинување на огнот им овозможи на некои бродови да тргнат низ Ормутскиот теснец и ја зголеми понудата на пазарот, што ги намали цените на нафтата. Сепак, цените на бензинот, дизелот и другите деривати останаа повисоки подолго од цената на суровата нафта поради штетите на рафинериите во Русија и Блискиот Исток.
За разлика од поголемиот дел од светот, американските возачи не ја намалија значително потрошувачката. Иако просечната цена на галон обичен бензин во САД во мај надмина 4,50 долари и беше повеќе од 50 проценти повисока отколку пред војната, потрошувачката на бензин во вториот квартал порасна.
Стерноф вели дека дел од причината лежи во фактот што домаќинствата во САД со години трошат помал дел од своите приходи за гориво, но исто така и во враќањето на некои вработени од далечинска работа во канцеларии. „Иако тоа е многу политички чувствителна цена на која луѓето обрнуваат многу внимание, ако сте во горните групи на приходи во САД, можеби ќе се жалите, но всушност не возите помалку поради тоа зголемување на цената“, рече Стерноф.
(Klix.ba)
Фото – Pixabay



























