Американската технолошка компанија Meta започна со тестирање на нова апликација StoryKit, која користи вештачка интелигенција за генерирање персонализирани приказни за деца.
Апликацијата засега е достапна само како пилот-проект во одбрани земји, каде што компанијата тестира како ќе биде прифатена од родителите, објавува TechCrunch.
Според компанијата од Менло Парк, апликацијата Story Kit им овозможува на корисниците да креираат приказни без пишување текст.
Родителите прво го избираат главниот лик, кој може да биде направен врз основа на фотографија од омилена играчка или личност, потоа ја одредуваат околината во која се одвива дејството и ја избираат лекцијата што приказната треба да ја пренесе, како што се љубезност, храброст или емпатија.
Потоа вештачката интелигенција ја генерира целата приказна со соодветна музика.
Meta наведува дека апликацијата користи безбедносни филтри за содржина од вештачка интелигенција, дека нема социјални функции и дека е наменета за корисници над 18 години.
Компанијата вели дека нејзината цел е да им олесни на родителите да создаваат имагинативни приказни прилагодени на интересите на нивните деца, но многумина не се воодушевени од идејата.
„Можеби моралот од оваа приказна е дека можеме да избереме да не живееме во свет каде што децата се одгледуваат со приказни за спиење напишани од големи јазични модели. Визијата на Meta за иднината може да биде антисоцијална и мрачна, но ние имаме моќ да ја отфрлиме таа реалност“, забележува технолошкиот портал.
(021)
(фото: Level Agency)



























