Според нова студија, менувањето на рамнотежата на продуктите во исхраната може да помогне во забавувањето на биолошкото стареење на телото за само неколку недели. Научници од Универзитетот во Сиднеј спроведоа студија во која учествуваа 104 лица на возраст од 65 до 75 години. Учесниците беа поделени во четири групи, а во текот на четири недели, истражувачите на секоја група ѝ обезбедија различен тип на исхрана, пренесува Science Focus.
Една група добивала полувегетаријански оброци со висока содржина на масти. Друга група добивала полувегетаријански оброци со висока содржина на јаглехидрати. Третата група се придржувала до мешана исхрана – која вклучувала и храна од животинско и храна од растително потекло – со висока содржина на масти, додека четвртата група имала мешана исхрана со висока содржина на јаглехидрати.
На почетокот и на крајот од четиринеделниот период се мерела биолошката возраст на учесниците – што претставува сеопфатна проценка на клеточната и метаболичката функција. Истражувачите го користеле методот Клемера-Дубал (Klemera-Doubal), кој зема предвид различни биомаркери и параметри, вклучувајќи ги нивоата на инсулин, холестеролот и крвниот притисок.
Најмалку промени биле забележани кај групата со мешана исхрана богата со масти; нивниот внес на хранливи материи бил најсличен на она што го консумирале пред почетокот на студијата.
Сепак, сите три други групи покажале намалување на биолошката возраст до крајот на четирите недели. Најизразено намалување било забележано кај групата што консумираше храна и од животинско и од растително потекло, со поголем внес на јаглехидрати и помал внес на масти.
Важно е да се напомене дека овие јаглехидрати биле минимално преработени; повторувањето на студијата со користење на купечки бел леб и кесичка чипс не би дало толку позитивни резултати.
Овие промени се во согласност со претходните докази дека исхраната богата со сложени јаглехидрати може да го продолжи животниот век и да го подобри метаболичкото здравје, наведоа научниците во резултатите од студијата објавени во списанието Aging Cell.
Д-р Кејтлин Ендрјус, водечкиот автор на студијата, изјави дека истражувањето покажува како исхраната навистина може значително да влијае на нашата физиологија, дури и во релативно кратки периоди и во подоцнежните години од животот.
„Мислам дека има голема смисла фокусот да се премести од ограничување на храната кон севкупниот квалитет и баланс на исхраната. Малите, реални и одржливи промени во севкупниот квалитет на исхраната сепак можат значително да влијаат врз здравјето како што старееме.“ додава таа.
(N1)
(фото: Flickr)


























