2.3 C
Skopje
понеделник, декември 9, 2019

„Гоблин“, уникатна продавница за друштвени игри, организатор на државното првенство во играта Magic:The gathering

Kabtel desktop

Самоил Петрески, Владимир Трајчевски и Виктор Георгиев се тројцата сопственици на уникатната продавница за друштвени игри „Гоблин“ од Скопје. „Гоблин“ истовремено е и играчница и место за учење и дружење на луѓето кои се вљубеници во игрите со карти и на табла

„Овие игри не се детски, напротив“, едногласни се сопствениците на „Гоблин“, уникатна продавница за друштвени игри во Скопје, кои во ваков тип на игри се вљубиле токму во детството. Продавницата постои од 2003 година, а тие самите биле „навлечени“ на овој тип дружење и многу години предходно. Хобито успешно го претвориле во бизнис, па денес во „Гоблин“ можат да се купат најновите изданија на најпопуларните друштвени игри во светот.

Од 2003 година „Гоблин“ е и организатор на Државното првенство на Македонија во играта Magic: The Gathering. Победниците повторно ќе заминат на Светското првенство, кое годинава се одржува во Ница, Франција во декември. Самоил и Владимир за „Иновативност“ велат дека овојпат одат да го надминат нивниот најдобар резултат, што го постигнале лани.

Друштвените игри се ментална гимнастика, учење низ игра, планирање, размислување, правење стратегија, фантазирање, дружење…Ни од далеку не се детска работа, туку напротив, во модрното општество опседнато со технлогија, се неопходни за повторно поврзување на семејствата. „Гоблин“ е единствената специјализирана продавница за друштвени игри кај нас. Тројцата сопственици Самоил, Владимир и Виктор ги споиле задоволството и работата во уникатна понуда за секоја возраст. Игри со карти, игри за табла, сложувалките „Ravensburger“… се дел од понудата.

„Уште од детските денови сакавме да играме друштвени игри, ги правевме и самите, па ова хоби се надоврза само по себе. Во тоа време дознавме и за Magic: The gathering, ја набавивме од Турција и од тогаш е дел од нашиот живот. Во 2003 година го отворивме „Гоблин“, а тогаш освен Magic, популарни беа и „Yu-Gi-Oh“ и особено „Ризик“,која сите ја бараа. Во 2003 година го организиравме и првото државно првенство во Magic и заминавме и во Берлин на Светско првенство. Бевме пионери во регионот“, вели Самоил.

За секој, без разлика на возраста, што сака да влезе во светот на магичното и волшебното, да ја поттикне својата фантазија, и да се забавува, „Гоблин“ е вистинското место. И додека во времето на нивните почетоци другите игри биле генерално непознати, тоа не е случај и сега. Бројот на вљубеници е се поголем, а за поголема популаризација на друштвените игри кај нас во последните години допринесува и фактот дека на нивните полици се наоѓаат и две игри направени од македонски автори. Тоа се „Cavern Tavern“ и „Small Star Empires“, а светската компанија „Final Fantasy Games“ за својата игра „Game of Тhrones“ го побара нашиот најпознат цртач Мичо да им ги направи цртежите.

Изборот на игри постојано расте 

Самоил и Владимир велат дека во минатото се купувале само најпопуларните игри во светски рамки, Ticket to Ride, Settlers of Catan, Dixit, Codenames, Risk… а сега македонските играчи знаат многу повеќе, па изборот на игри е се поголем.

„Особено ни се обраќаат семејства кои сакаат да најдат некоја забава. Родителите се генерации кои пораснале со некои од игрите и сега ги носат тука своите деца да се запознаат со овој свет. Ним им препорачуваме некои полесни игри, кои немаат многу правила, лесно се учат и лесно се играат, не траат долго, а се забавни. Но, тоа не значи дека тоа се прости игри, напротив. Секоја игра има длабочина и може да се игра долго и интересно“, вели Самоил.

„Гоблин“ не е само продавница, туку и место во кое секој петок се собираат играчи од различни возрасти. Дружењето е една од главните придобивки на гејмингот. Особено во последно време кога влијанието на компјутерите и другите електронски апарати врз нашиот живот е огромно. Луѓето бараат начин на повторно поттикнување на личниот контакт и поврзување на семејствата преку заедничка забава за сите. „Friday night magic е причина за создавање на многу нови другарства, инспирирани од игрите“, велат сопствениците на „Гоблин“.


Еднаш месечно се организира и board game day, а се прават и настани за тестирање на игри кои се прават од нашите автори. Низ светот постојано се организираат и гранд при турнири, отворени за секој што сака да учествува. Нашите тимови редовно учествуваат на тие турнири, а најдобрата позиција е освоено 16 место. Има и четири профи- турнири до кои се стигнува преку квалификации.

Компетитивноста е можност која ја нудат само дел од игрите. Повеќето кои се продаваат во ’Гоблин’ се всушност игри за поврзување и надминување на оттуѓувањето“, вели Владимир.

Тој посочува дека во последните години купуваат сите, со што се повеќе се надминува стереотипот дека игрите се детска работа. Се повеќе наши фирми се одлучуваат да практикуваат board games за тим- билдинг, по примерите од успешните западни компании.

Неодамна „Гоблин“ организираше и државно првенство во играта Magic:The gathering. Победници се Диме Меловски и Владимир Трајчевски и тие, заедно со најдобриот играч на Magic во текот на изминатата година Миро Попов, ќе учествуваат на Светското првенство кое во декември ќе се одржи во Ница. Македонскиот тим очекува подобрување на пласманот од минатата година кога нашиот најдобар играч влезе меѓу 16 најдобри од претставниците на 73 земји.

 

Како се игра  Magic: The gathering?

Во Magic: The gathering секој ја создава својата стратегија на игра преку својот шпил на карти. Може да се игра агресивно, бавно, безбедно… тоа одлучува играчот. Двајцата играчи се главните волшебници кои имаат 20 животи на почетокот на играта, а борбата ја водат со суштествата (маѓепсници, џуџиња…) и магиите кои ги има во картите.

Magic и Yu-Gi-Oh се игрите со карти кои успеаја да опстојат подолго време од другите. И двете collectible card games (CCG) и trading card games (TCG). Тоа значи дека секој играч самиот си го создава својот шипл карти што мисли дека е добитен и дека со него може да победува, на тој начин што освен што купува шпил карти, може и да се менува со други играчи.

За успешно играње треба да се носат стратешки одлуки врз основа на логичко заклучување со цел да се зачуваат што повеќе животи. Се игра во повеќе кругови, а одлуката со која стратегија ќе се настапи се донесува и врз основа на потезите на противникот. Има и блефирање затоа што картите се кријат во рака, а има и одреден процент на среќа.

„Правилата се слични како кај шахот, но со многу повеќе приказна и фантазија. Исто и со поголема можност за победа за оние кои не се толку големи стратези“, велат сопствениците на „Гоблин“.

Во моментов има околу 20 милиони регистрирани играчи на Magic во светот. Нови едиции карти од играта излегуваат на секои три месеци, или четири пати во годината, а оние кои сакаат да се натпреваруваат треба да имаат составено свој шпил од последните две години.

„Секој играч, на почетокот на партијата треба да има 60 карти. Секој циклус на карти носи и своја приказна, различни моќи и се внесува свежина во играњето. Секако ова важи за компетитивниот дел, во домашни услови може да се игра со било каков шпил“, објаснува Симон.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •