Месечината дефинитивно се намалува, а научниците стануваат сè попрецизни во утврдувањето на тоа колку точно се намалил природниот сателит на Земјата низ годините.
Се верува дека Месечината настанала по силен судир помеѓу масивен објект и младата Земја пред приближно 4,5 милијарди години; нејзината внатрешност постепено се лади уште од тој древен удар. Како што се лади, Месечината се собира, што доведува до долг и бавен процес на намалување. Сега во една нова студија научниците сметаат дека го утврдиле вистинскиот обем на ова намалување.
Во оваа нова студија истражувачите анализирале снимки направени од камерата на орбитерот за истражување на Месечината (LROC) и идентификувале повеќе од 10.000 млади раседи – односно пукнатини – на површината на Месечината. Ова откритие им овозможило да го пресметаат обемот на собирањето на Месечината низ времето. Тие сега проценуваат дека нејзиниот радиус се намалил за приближно 45 метри во текот на последните 400 до 800 милиони години.
„Бројот на овие млади раседи откриени на снимките од LROC е многу поголем отколку што некогаш сум замислувал. Се очекува постоечките раседи да продолжат да растат, а да се појавуваат и нови, додека внатрешноста на Месечината продолжува да се лади и собира“, изјави главниот автор на студијата, Томас Ватерс – геолог и почесен научник во Центарот за проучување на Земјата и планетите при Националниот музеј за воздух и вселена на Смитсонијан.
Анализирајќи ги овие снимки од камерата LROC истражувачите забележале различни видови пукнатини и форми на релјефот на површината на Месечината. Меѓу нив се наоѓаат лобусни делови – долги, закривени структури што настануваат кога површината на Месечината се собира, пука и се издига – како и мали гребени во „месечевите мориња“, односно тесни „набори“ на површината што се протегаат низ нејзините темни рамнини.
Тектонската активност на Месечината значително се разликува од онаа на Земјата. На нашата планета постојат околу 15 големи тектонски плочи. Познато е дека на Месечината воопшто нема тектонски плочи, бидејќи таа претставува тело со една единствена плоча. Тоа значи дека нејзината надворешна кора е една целина, прекината само од раседи и слични пукнатини настанати како резултат на собирањето. Ова укажува на тоа дека раседите и пукнатините не се појавуваат долж границите на тектонски плочи, туку се распространети низ целата површина на Месечината.
Преку мапирање на илјадници различни површински структури, кои настанале како последица на ладењето и собирањето на Месечината низ времето, истражувачите постепено ја реконструираат нејзината историја. Покрај тоа што утврдиле во која мера Месечината се собрала со текот на времето, тие откриле и дека одредени делови од нејзината површина имаат значително повеќе пукнатини од други, додека областите со помалку пукнатини и раседи имаат подебела кора.
Врз основа на ова тие заклучиле дека областите со подебела кора се не само постабилни, туку и дека голем дел од пукнатините на површината на Месечината настанале подоцна во нејзината историја. Имено, во раните фази од развојот на Месечината нејзината дебела кора ја изолирала топлата внатрешност, спречувајќи ја да се лади, да се собира и да пука.
Ова истражување е опишано во студија објавена на 14 октомври во научното списание The Planetary Science Journal.
(Klix.ba)
(фото: Pexels/Daniel Olivier)






























