Намалувањето на цените за роаминг за земјите од регионот денес беше една од најакутелните теми на Дигиталниот самит за Западен Балкан, кој денес и утре се одржува во Скопје.
Беше најавено дека на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија на 17 мај се очекува да биде објавен конкретен план за намалување на цените на роамингот кон регионот. Најавата за поевтиниот роаминг денес стигна од еврокомесарката за дигитална економија и општество, Марија Габриел, која рече дека Унијата има намера да ги намали цените во следните месеци.
„Ја поздравувам волјата на мобилните оператори во регионот да се вклучат во конструктивен дијалог за истражување на сите начини за намалување на цените на роамингот кои се високи не само во регионот на Западен Балкан туку и во самата ЕУ. Еден од првите конкретни чекори е Косово и Албанија да станат дел од тоа, за да можеме да имаме поголема легитимност и тежина кога преговараме. На никаков начин да не дозволиме да се произведува поделеност поради дигитализацијата, а тоа ќе го постигнеме ако сите шест земји од Западен Балкан се заедно“ додаде Габриел.
Кон темата за поевтин роаминг свое обраќање имаше и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој кажа дека државите од Западен Балкан веќе ја имаат и поддршката од Европската комисија за поевтин роаминг.
„Очекувам цените на роамингот во регионот и со земјите од ЕУ драстично да се намалат и меѓусебно да си ги признаеме дигиталните сертификати. Очекувам да договориме заеднички настап за подобрување на пристапот до широкопојасен Интернет, очекувам Западен Балкан да стане следната ИКТ дестинација во светот“ дополни Манчевски.
Премиерот Зоран Заев, кој исто така имаше обраќање на самитот, изјави дека државата е подготвена да учествува во намалување на загубите на мобилните оператори доколку ги намалат цените на роамингот.