На Македонија ѝ требаат соларни панели колку четвртина од Скопје за целосно да се снабдува со соларна енергија

- Advertisement -

Според анализите на британската веб страница Finder, потребни се само 160 квадратни километри или само 0,6% од површината на Македонија покриена со соларни панели за да може државата да се снабдува со струја добиена од соларната енергија. Како што пренесува Независен, се работи за површина колку четвртина од Скопје.

Веб страницата според својата методолгија пресметала колкава површина треба да се покрие со соларни панели за целосно да се задоволат енергетските потреби на една земја со технологии кои во моментов се на располагање. Потоа, податоците се ставени на интерактивна мапа каде што може да се видат резултатите за секоја земја. При пресметките тие земале предвид два фактори, односно количината на сончева енергија која земјата ја добива и количината на енергија која ја користи.

- Advertisement -

Според нивните анализи, 87% од државите во светот можат да се снабдат со електрична енергија користејќи помалку од 5% од нивната територија. На само три места во листата им се потребни повеќе соларни панели од површината што ја имаат: Сингапур со 830%, Хонг Конг со 213% и Бахреин со 156%, а тоа е поради фактот дека се работи за мали и густо населени држави.

На територијата на целиот свет ќе бидат потребни 1,1 милион квадратни километри со соларни панели за напојување на целиот свет, што е помалку од површината на Јужна Африка. Иако, се разбира, не може да се покрие Јужна Африка со соларни панели, оваа површина ако се распредели низ светот изгледа како нешто што може да се постигне во иднина.

Сподели!
- Advertisement -