Цукерберг сведочеше во Европскиот парламент – освен извинувањето, најави 10.000 нови работни места во Европа

- Advertisement -

Основачот и извршен директор на Facebook, Марк Цукерберг, се состана со претставници од Европскиот парламент во Брисел и ги уверуваше дека оваа социјална мрежа прави значителни инвестиции и напори за корисниците во Европа и во светот да ги заштити од злоупотреба на личните податоци и дистрибуција на лажни вести.

„Не ја сфативме доволно добро нашата одговорност. Тоа е грешка заради која ми е многу жал“, изјави Цукерберг на состанокот со претседателот на Европскиот парламент, Антони Тајани и претставници од политичките групи, каде што зборуваше за активностите кои ги презема Facebook за да ја зголеми безбедноста, но и контролата која ќе ја имаат корисниците на оваа социјална мрежа врз своите профили.

- Advertisement -

„Секогаш сме се фокусирале на доброто кое може да го донесе технологијата и поврзувањето на луѓето. Последните години стана јасно дека не сме направиле доволно, за да спречиме овој инструмент да се злоупотреби со цел пласирање лажни вести, мешање во странски избори и малверзации со личните информации“, изјави Цукерберг во Брисел.

Како што пренесува Bizlife, тој оцени дека безбедноста никогаш не може да биде потполна и дека за промени е неопходно време, но нагласи дека е подготвен да ги направи тие промени и да ги поправи грешките. Најави дека ќе го дуплираат бројот на луѓе кои ќе работат на безбедноста во компанијата на повеќе од 20.000 до крајот на годината и очекува тоа значително да влијае и на нивната профитабилност.

- Advertisement -

Освен што потенцираше дека Facebook сега користи технологии за отстранување лажни вести, вети дека огласувањето на социјалната мрежа ќе биде потранспарентно отколку досега. Наведе дека до крајот на 2018 година компанијата ќе вработи 10.000 луѓе во 12 европски градови, што сведочи за неговата посветеност во Европа. Освен тоа, Facebook ќе инвестира и во обуки од областа на дигиталните вештини за 1 милион луѓе во Европа.

Сподели!
- Advertisement -