Сопствениците на iPhone XS откриваат една необична карактеристика на најновиот исклучително скап телефон на Apple. Некои од нив тврдат дека камерата на предниот дел од телефонот ги прави нивните лица да изгледаат премногу мазни, додека некои одат дотаму да тврдат дека селфи фотографиите направени со предната камера изгледаат како да се корeгирале во апликацијата FaceTune.
Мистериозниот ефект е присутен и кај XS Max, кој ја има истата предна камера како кај iPhone XS. Досега не е целосно јасно што се крие зад тој ефект на „измазнување“, пренесува DailyMail. Портпарол на Apple одби да коментира, но можно е тоа iPhone XS и XS Max да прават такви фотографии поради навистина напредните камери, каде што исто така се вградени додатоци кои го минимизираат надворешниот шум и звуци на снимките.
Новите елементи на камерите овозможуваат да се намали сивилото особено кај фотографиите со поголема резолуција и во темница, но наводно, поради тоа познатиот јутјубер Луис Хилсентегер истакна дека луѓето на фотографиите изгледаат како порцелански кукли или пластични фигури.
Тој на својот канал каде што коментира нови гаџети и уреди, „Unbox Therapy“, ефектот на предната камера на iPhone XS го опиша како „beautygate“ или „разубавување“. „Отпрвин мислев дека се работи за некоја опција којашто може да се исклучи, како на други телефони на Samsung, Huawei и слично. Но, нема никаква опција слична на ’beauty mode‘ затоа што од Apple никогаш не признале дека интегрирале нешто такво“, вели Хилсентегер.
Некои корисници покажаа дека истиот ефект се случува и при добро осветлување и направија споредба меѓу последните неколку модели на iPhone. „Проблемот“ се јавува само кај iPhone XS и iPhone XS Max.