-6.2 C
Skopje
вторник, јануари 25, 2022

Весна Кузмановиќ: ИМПАЛА овозможува прецизни маркетинг и пазарни мерења со помош на технологија!

Kabtel desktop

ИМПАЛА е термин кој се почесто се слуша во македонската јавност посебно во бизнис заедницата! На последната конференција од областа на маркетинг, организирана од страна на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, излагањето за ИМПАЛА предизвика овации и позитивните коментари. Разговараме со Весна Кузмановиќ, тим лидерот на проектот ИМПАЛА и управител на компанијата СТРАТУМ РиД која е носител на овој проект.

Разговараше – Верица Јорданова

Што точно претставува ИМПАЛА и како дојдовте до идејата за овој навистина интригантен и иновативен проект?

ИМПАЛА е мултидисциплинарен проект и по многу нешта репрезент на бизнисот на 21 век. Тоа е проект кој се базира на најновите научни достигнувања од областите на економска психологија, неврологија, еволуциска психологија, маркетинг, или со еден збор НЕВРОМАРКЕТИНГ, преточени во нови технолошки решенија – односно ИКТ решенија.

Идејата за овој проект верувале или не се роди низ разговори со еден млад и амбициозен тим во една од акцелераторските програми за социјално претприемништво СИА (Social Impact Award). Програмата ја водев јас и пренесувајќи им ги на младите искуствата од основање и водење бизнис во Македонија сфатив колку бргу се менува се. Ако сакаш да бидеш успешен мора да учиш многу и тоа од оние на кои новите трендови им се секојдневие, а тоа се младите. На паузите и по завршувањето на сесиите останувавме уште долго да разговараме за интересни ИКТ решенија, за иднината на технологијата и на сите други професии. Идејата за проектот ИМПАЛА се роди низ меѓусебна стимулација на креативност со Тамара Димитрова, магистер по ИКТ, од која иако многу помлада од мене, научив многу за новите технологии, за предвидувањата на трендовите за развој на технологиите и за инволвирање на ИКТ во секоја научна дисциплина. Идејата која ни се роди ја презентиравме на академик Љупчо Коцарев, од кого баравме проценка за изводливост на идејата, од ИКТ и од бизнис аспект. Никогаш нема да ја заборавам неговата првична реакција. Не само што идејата му се допадна и што сметаше дека е спроведлива и со голем потенцијал, туку ни понуди и безрезервна подршка. Името ИМПАЛА е негова идеја како акроним од implicit platform for measurement.

Зошто ИМПАЛА толку лесно го привлекува и задржува вниманието на сите кои ќе се сретнат со ова ИКТ решение?

Имплицитните техники на мерење генерално се поатрактивни и многу попрецизни во предвидувањата за успех на одреден производ или услуга отколку техниките за истражување базирани на одговори на испитаниците (анкети и интервјуирање). Овие техники се релативно понови од познатите и широко користени експлицитни техники на истражување и со развојот на технологијата стануваат достапни. Суштината на имплицитните техники е дека се мерат реакции на луѓето на сите типови дразби од надворешната средина без употреба на зборови. Овие метрики се користат во неврологија и се добро познати како ЕЕГ, галванов рефлекс, движење на зеница на око, пулс, притисок итн. Овие техники се користеле строго само во медицински цели.  Во научни или маркетинг цели ваквите истражувања се ултра скапи, бараат многу време и ресурси па затоа и не се оправдани. За среќа, денес технологијата овозможува овие решенија да се применуваат без ангажман на скапа апаратура. Имаме алтернатива која не е 100% прецизна, но грешката од 5% е занемарлива ако се земат предвид предностите кои ги нуди: ниска цена, нема ангажман на луѓе, може да се спроведува истражувањето истовремено секаде низ светот, лесно за користење итн.

Покрај сите предности што ги наведов погоре, ИМПАЛА ги плени крајните корисници (клиентите) кога ќе видат колку точни, корисни, лесни за интерпретација и директни наоди нуди. Со добивање на резултатите, одлуката која треба менаџментот да ја донесе станува очигледна.

ИМПАЛА е добитник на грант од мерката 3 на Владата на РМ и ФИТР за потикнување на иновативност кај компаниите. Што значеше за тимот на ИМПАЛА подршката од Владата и ФИТР?

Подршката од Владата и ФИТР е навистина дополнителна стимулација и мотивација.

Прво, многу ни значеа повратните информации кои ги добивме од Инвестицискиот комитет (пред кого се намачивме добро на пичингот) во смисла на зголемување на самодовербата како и зајакнување на вербата дека можеме да успееме.

Второ, обврската да ја оправдаме довербата која ни е дадена од Фондот не тера да работиме со позабрзано темпо и со поголема посветеност затоа што сега веќе овој проект ја претставува Македонија и нејзината стартап сцена.

Затоа мислам дека стратегијата која ја имплементира Владата преку Фондот ќе има високо позитивни резултати врз бизнис заедницата и економијата.

Кои се следни чекори и планови за ИМПАЛА?

Ние сме веќе во акцелераторска програма во Швајцарија и првата третина од сесиите ја поминавме. Многу домашни задачи сработевме, многу научивме и сеуште учиме, остваривме контакти со многу влијателни луѓе, со инвеститори, и полека се подготвуваме за офанзива на глобалниот пазар.

Покрај основниот тим, на ИМПАЛА работат и најдобрите професионалци како надворешни соработници, кои како и тимот на ИМПАЛА сеуште веруваат дека одовде може да се биде успешен и на светско ниво. Морам да го споменам Игор Делов, со кој соработката е едно од најубавите и најстимулативни искуства кое се круниса со прекрасниот визуелен идентите на ИМПАЛА, и доцент д-р Огнен Спасовски од Институтот за психологија при УКИМ со чија соработка ќе се креира ултимативна додадена вредност на ИМПАЛА – интерпретација на резултати базирана на холиситчка анализа на перцепцијата. Да сумирам, визуелниот идентитет на ИМПАЛА е дефиниран, се работи интензивно на финиширање на платформата и даваме се од себе таа да биде лансирана при крај на првиот квартал во 2019 година.

За крај, морам да го споменам Вашето обраќање во име на добитниците од Фондот, кое предизвика бурни реакции, воодушевување и неколкупати досега слушнав дека ако се бираше говор на годината во Македонија тоа треба да биде токму овој говор. Дали вербата во ИМПАЛА е она што ја создаде магијата во обраќањето?

Горда сум што ја добив можноста да пратам лична и професионална порака до сите кои работат во Македонија или имаат идеја како да ја направат Македонија поубаво место за живеење. Говорот беше спонтан, искрен, дури можеби и премногу личен. Но, затоа допре до толку многу луѓе, а посебно ми е драго што допре до оние на кои им треба охрабрување

 


Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!