Taskforce, македонска компанија која од Битола и Скопје ја олеснува работата на големи американски компании!

- Advertisement -

Основана во 2016 година, македонско-американската компанијата Taskforce фунцкионирала со само еден вработен во првите неколку месеци од постоењето, а денес има околу 180 вработени, најголем дел во канцелариите во Битола, а мал дел во Скопје. Се работи за outsource компанија чија мисија е, покрај понудата на високо-квалитетни услуги за оптимизација на административните процеси на компании во САД, да им овозможат на едуцираните и талентираните млади луѓе во Македонија добро платена работа и шанса за постојан напредок.

Во интервју за Иновативност, еден од партнерите и менаџер на компанијата во Македонија, Ацо Додовски, раскажа повеќе за компанијата и понудата на услуги.


Какви услуги нуди Taskforce?

Компанијата обезбедува услуги во неколку сектори од кои најмногу сме фокусирани на оптимизирање на операции кои се поврзани со здравствено осигурување, класично осигурување, контрола на квалитет на услуги и операции, како и маркетинг и рекламирање, со тоа што работиме исклучиво на американскиот пазар. Во фирмата сме шест партнери, од кои само јас сум Македонец, а останатите се Американци но со потекло од Македонија. Сите имавме идеја да отвориме компанија која ќе го искористи младиот, едуциран и квалитетен кадар кој го нуди државава, а од друга страна ќе одговори на одредени бизнис предизвици кои постојат на американскиот пазар.

- Advertisement -

Еден од секторите во кој сме многу активни е здравственото осигурување и клиенти ни се ланци на приватни болници во САД. Што се однесува до секторот на контрола на квалитет, таргетираме компании кои своите услуги ги нудат на познати компании како McDonald’s, Bank of America итн. Едноставно кажано, ние сме алката која овоможува поефикасен тек на административните процеси меѓу компанијата која е наш клиент и нејзините клиенти или соработници.

На пример, во САД плаќањата во приватните болници за различни медицински услуги најчесто се извршуваат преку осигурителните компании. Ние развивме систем на кодови кој содржи преку 10 000 кодови за медицинските услуги, кој го олеснува процесот на побарување помеѓу осигурителните компании и приватните болници. Вработените кои од нашата компанија ги работат овие операции се т.н. лиценцирани кодери кои пред да почнат да работат, добиваат обука од американски експерти кај кои исто така полагаат тест за лиценца.

- Advertisement -

Покрај ова, на нашите клиенти им нудиме и услуги од маркетинг и рекламирање, сектор за кој е одговорен тимот од компанијата кој работи од Скопје. Работиме целосно во согласност со HIPAA  стандардите за квалитет, а како успешна компанија сме препознати и од Macedonia 2025.

- Advertisement -

Колкав потенцијал има македонскиот пазар на труд кога се работи за услуги кои се нудат на американски компании?

Во Македонија постојат многу млади луѓе кои одлично го владеат англискиот јазик и поседуваат исклучителни компјутерски вештини, а овој сет на квалитети е токму тоа што ни е потребно. Македонскиот пазар на труд е неисцрпен кога станува збор за потребите на нашата компанија. Се работи за високо-квалитетен кадар кој навистина има што да понуди.

Негативен тренд е тоа што младиот квалификуван кадар заминува од државата поради егзистенцијални причини. Ако им се понуди добра работа во компанија во која ќе се вреднува нивниот труд и ќе можат постојано да напредуваат, тие не се двоумат да се обидат. Нормално, секоја работа носи стрес и предизвици, но Taskforce вложува постојано во својот кадар и не само што во само три години пораснавме од 1 до 180 вработени, туку и ретко се случило некој да замине од компанијата поради незадоволство и неисполнетост.

Како дојдовте до идејата да одговорите на ваков предизвик на американскиот пазар со бизнис кој ќе функционира од Македонија?

Сопствениците на компанијата, најголемиот дел од нив Американци со потекло од Битола, сакавме да им пружиме шанси за добро платена работа на жителите на Битола. Градовите кои се помали од Скопје, многу повеќе се соочуваат со проблемот на иселување на младите и сакавме да придонесеме кон намалување на овој проблем. Кога го анализиравме американскиот пазар пред да одлучиме каква компанија ќе лансираме, увидовме дека Македонија може да понуди кадар кој ќе одговара токму на оптимизирање на административните и бизнис процесите во овие сектори.

Нашите клиенти уште на самиот почеток се свесни дека нивните операции ги водат вработени од Македонија и тие се во постојан контакт со нашите вработени овде. Многу нѐ радува кога ќе видиме како нашите клиенти ја препорачуваат компанијата и нејзините вработени од Македонија на нивни пријатели кои имаат потреба од услуги какви што нуди Taskforce.

Кои се плановите кои ги имате за Taskforce во иднина?

Нашите идни планови секако се насочени кон проширување на компанијата, при што ќе се фокусираме на Битола и помалите градови во околината, а помалку на Скопје. Сметаме дека нашата приказна содржи и хумана димензија – не постоиме да ги експлоатираме македонските таленти, туку и да им понудиме добро платена работа и можност за развој и напредување. Имаме програма за редовно обучување на вработените, избираме вработени на годината и ги мотивираме, бидејќи среќниот вработен значи успех за компанијата.

Што се однесува до услугите кои ги нудиме, засега сме фокусирани на актуелните сектори во кои сме активни, но постојано го набљудување пазарот, па како outsource компанија би биле подготвени да градиме тимови кои ќе одговорат на потребата која би се јавила на пазарот и во останати сектори.

Разговараше – Бисера Срцева

Сподели!
- Advertisement -