8 C
Skopje
сабота, ноември 23, 2019

Симона Чаминска: Глобалната Недела на Претприемништвото инспирира младите да влезат во бизнис!

Kabtel desktop

Глобалната Недела на Претприемништвото (ГНП) претставува еднонеделна иницијатива која се случува истовремено во 170 земји ширум светот и поврзува над 10.000 партнери во активности насочени кон промоција на претприемништвото, зајакнување на партнерствата и основање на нови релации за подобрување на условите за развој на претприемништвото во сите овие земји. Истата е проект на Глобалната Мрежа на претприемништвото (ГМП) која преку разни програми го стимулира развојот и подобрувањето на условите за водење бизнис, ширум светот. Покрај ГНП, еден од  најпознатите настани кој го организира ГМП е Глобалниот Конгрес на Претприемништвото (ГКП) кој има за цел да ги поврзе сите 170 земји и партнери од истите во еднонеделен настан посветен на креирање политики, тимска работа и споделување на искуства од успешни и помалку успешни проекти и иницијативи на светско ниво. Оваа година, ГКП се одржа во Манама, Кралството Бахреин.

Формално, неделата ја организираат национален претставник и домаќин-организација во соработка со останати партнери од екосистемот, кои најчесто се претставници на академијата или граѓанскиот сектор, иако неретко се случува домаќин-организацијата да биде некое владино тело за промоција и поддршка на претприемништвото. Зависно од големината на земјата, но и заинтересираноста на сите засегнати страни за поддршка и развој на претприемништвото, во некои држави како на пример Полска, во рамки на ГНП се организираат околу 1.500 настани неделно, но еден од најуспешните примери на Балканот – ИЦК од Р.Косово, лани организираше 100 настани во рамки на една седмица. За овој настанан разговаравме со Симона Чаминска, координатор на Глобалната Недела на Претприемништвото во Македонија

Како дојде до идејата за организација на Global Entrepreneurship Week во Македонија?

Во септември 2017 година остварив времен ангажман како проектен менаџер во Организација на млади претприемачи на Европската Унија со седиште во Брисел, која во тој момент покрај ангажманот со Еразмус проектите за претприемништво, имаше потреба и од ангажман во рамки на Асоцијацијата на млади претприемачи на Унгарија, домаќин-организација на ГНП во Република Унгарија. Во рамки на мојот тромесечен ангажман за овие две младински организации, го координирав меѓународниот дел за ГНП која покрај Будимпешта, паралелно се одржуваше и во уште 7 други градови, со севкупна посетеност и ангажман од 1 милион лица на национално ниво. Партнери на ГНП Унгарија беа Комората за трговија на Унгарија, Унгарската Берза, најпознатите банки и стартапи, кои имаа штандови каде заинтересираните лица во текот на целата седмица можеа да се информираат за нивните производи и услуги. Гости на неделата беа европскиот комесар за млади, образование, култура и спорт, како и потпретседателката на Глобалната Мрежа на Претприемништвото. По нашиот разговор и визија за натамошна имплементација на оваа иницијатива и во други земји во регионот на Централна и Источна Европа, по примерот на најуспешните земји како Унгарија, Полска и Чешка, или пак Косово на Балканот, се роди идејата да ја продолжиме соработката со ГНП и во Македонија, која континуирано се организирала до 2014 година, од страна на YES Инкубаторот и ПСМ Фондација. По моето враќање во Македонија, разговаравme со Асоцијацијата Стартап Македонија за продолжување на оваа иницијатива, по што од Април 2018 година, Асоцијацијата Стартап Македонија е официјалниот домаќин организација за ГНП.

Во ноември 2018 година, со Стартап Македонија организиравте настан посветен на иновациите во корпорациите. Од каде потекна идејата за таков настан и што се случуваше за време на истиот?

Во истражувањето на македонскиот стартап екосистем спроведено од страна на Асоцијацијата Стартап Македонија во 2018 година во соработка со проектот БЕП на УСАИД и следејќи ја рамката за развој на екосистемот изработена од Стартап Комонс, беа воочени неколку клучни фактори потребни за успех на екосистемот во Македонија. Со оглед дека членовите на Стартап Македонија имаат огромни познавања на темите поврзани со развој на екосистемот, и тоа: Игор Маџов кој има експертско познавање на областа за инвестирање во стартапи, Дејан Алексов во делот на регулаторната рамка, Виктор Дано во делот за дигитализација и Наташа Лазаровска – Трајчески во делот на воспоставување на соработка меѓу засегнатите страни во екосистемот и механизмите за поддршка на државата, дојдовме до заклучок дека една област која не е многу развиена во Македонија е токму соработката меѓу стартапите и развиените компании. Оттука, наши стратешки партнери во организацијата на минатогодишниот настан покрај УСАИД и Свисконтакт, беа МАСИТ, ФИТР, СЦВ и многу други. Со намера да овозможиме пренос на најдобрите практики и знаење од најразвиените корпорации, ги поканивме г-дин Ферух Гурташ тогашниот директор на иновации и партнерства на светската корпорација Интел за регионот МЕНА, директорот за ЦИЕ на Фитбит г-дин Рарес Флореа и еден од најпознатите експерти на ИБМ за иновации г-дин Кеи Шимада, да ги споделат своите ставови со нас. Во вториот дел од настанот, разгoваравме за поддршката на стартапите од страна на претставници на инвестициски фондови од Словенија, Македонија и Финска. Интересно околу самиот настан беше забележаното присуство на стартапи и фриленсери, кои имаа можност директно да разговараат со гостите и да стекнат дополнителни искуства.

Раскажи ни повеќе детали за овогодинешната GEW (ГНП), дали има официјални теми и што се очекувањата од партнерите на глобално ниво?

Секоја година, ГНП обработува различни теми со цел носење на потребните заклучоци со кои би се помогнал и забрзал развојот на екосистемите, а со тоа и зајакнала соработката меѓу различните засегнати страни од областа на претприемништвото. Овогодинешните четири глобални теми на ГНП се образованието кое треба да се дизајнира со цел да поттикнува претприемачко учење и однесување од најрана возраст, сорабока на екосистемот особено на страната на локалните заедници, инклузивноста на сите категории на граѓани во водењето бизниси, како и креирањето политики од страна на лицата вработени во јавниот сектор кои треба да имаат темелни и конкретни познавања за потребата од екоистсмот во кој живеат, со цел носење на соодветните и потребни заклучоци, кои потоа би се преточиле во соодветни политики.

Оваа година, Асоцијацијата Стартап Македонија има 17 официјални партнери и тоа: Асоцијацијата Стартап Македонија во соработка со УСАИД и Свисконтакт, Американска Комора во Македонија, МАСИТ, ЦЕФЕ Македонија од Битола, Бизнис Акцелераторот УКИМ, Х Фактор Акцелераторот од Велес во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев„ од Штип, Универзитетот Американ Колеџ Скопје, Алумни Асоцијацијата на Школата за млади лидери Ѓорѓе Иванов, Сивус Акцелераторот, SEE Технолошкиот Парк од Тетово, Паблик и „Лице в Лице„, Младинскиот Образовен Форум, ЦЕЕД Хаб Скопје, Синапсис Ворлд од Дебар, како и маркетинг агенцијата Врооток и компанијата Upshift кои ни се партнери во делот на дизајнирање и веб-девелопмент, кои ќе организираат различни видови активности во 5 градови, во рамки на периодот од 18-ти до 24-ти ноември. Дополнително, поддржувачи на ГНП се и Фондот за иновации и технолошки развој, Македонски Телеком АД Скопје и Винчини, Макпрогрес ДОО Виница. Повеќе информации за настаните, ќе следи во следниот период на официјалните канали на ГНП во Македонија: веб-страницата на Стартап Македонија https://gewnorthmacedonia.com/, ФБ страната: https://www.facebook.com/GEWNMacedonia, Twitter профилот: https://twitter.com/GEW_N_Macedonia и Instagram профилот: https://www.instagram.com/NorthMacedoniaGEW/.

Кој е твојот моментален професионален ангажман и што се твоите видувања во однос на развојот на иновациите во Македонија?

Во февруарскиот документ посветен на соработката меѓу стартапите и големите компании, има информација дека при скорешна анкета со ММВ (Мatch-Maker Ventures) дури 79% од компаниите веќе на некој начин воспоставиле соработка со разни стартапи, додека пак 85% од оние кои го немаат сторено тоа сеуште, се размислуваат на преземање таков чекор. Работејќи за еден од најголемите телекомуникациски оператори во Европа, Дојче Телеком ИТ со позиција во Т-Мобиле Полска во делот безбедност и приватност на ИТ-апликации како и организирање на активности од областа на иновациите и претприемништвото, секојдневно се среќавам со успешни приказни на градење партнерства меѓу овие два света, каде најуспешните приказни на Дојче Телеком се реализирани преку Телеком Иновациските Лаборатории Т-Лабс Берлин и Хубраум инкубаторите лоцирани во Краков, Берлин и Израел.

Оваа година, во рамки на ГНП, на 20-ти ноември во соработка со Бизнис Акцелераторот УКИМ од Скопје, ќе бидеме домаќини на директорот на Т-Лабс Берлин, г-дин Џон Калиан, кој ќе оствари средби со претставници на екосистемот, академскиот и приватниот сектор и ќе го сподели своето искуство од успешно спојување на приватниот со академскиот сектор. Се надевам дека неговото искуство и размислувања ќе отворат нови хоризонти за размислување во насока на градење нови и успешни партнерства меѓу академијата и приватниот сектор, бидејќи Т-Лабс е најголемата истражувачка лабораторија каде Дојче Телеком финансира проекти на академијата, со користење на блокчеин технологија, вештачка интелигенција и виртуелна реалност.

Дополнително, оваа година сум дел од првата генерација на Програмата за иновациско лидерство на Шведскиот Институт во соработка со организацијата Enact Sustainable Strategies, која има за цел промоција и воспоставување на соработка меќу тројниот хеликс: академијата, приватниот и јавниот сектор. Во рамки на нашата генерација има претставници од сите сектори и наша цел е да помогнеме во изградбата на врски меѓу трите сектори со цел промоција на иновацискиот екосистем, по примерот на една од најиновативните земји во светот. Програмата е регионална и се спроведува исто така и во Србија и Босна и Херцеговина.

За крај, со оглед дека си член на МААА, може ли да ни кажеш која програма ја правеше во САД?

Во ноември 2018 година остварив размена во САД, преку програмата за професионални размени (Professional Fellows Program), во имплементација на организацијата WorldChicago, во времетраење од 6 недели, во Чикаго. Мојот ангажман беше во рамки на организацијата World Business Chicago, која се занимава со привлекување на инвестиции во Градот Чикаго и организација на настани за претприемништво во соработка со приватниот сектор и Канцеларијата на Градоначалникот на Градот Чикаго.

Во однос на идните ангажмани поврзани со размени во САД, во март и април 2020 година сум дел од генерацијата на Marshal Memorial Fellows, една од најпознатите програми за развој на лидерски вештини на лица од приватниот, јавниот и академскиот сектор, имплементирана од страна на German Marshal Fund. Оваа програма е позната и по своите алумнисти, кои ги вбројуваат претседателот на Франција Емануел Макрон, Високиот претставник за надворешна политика на Европската Унија г-а Федерика Могерини, заменик претседателот на Фондацијата Кауфман од САД г-дин Виктор Хванг и многу други. Се надевам дека со знаењето и контактите кои ќе ги стекнам преку оваа програма, ќе помогнам за создавање на дополнителни врски за развој на екосистемот во нашата земја.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •