10.9 C
Skopje
четврток, ноември 21, 2019

Симона Станковиќ: Младите имаат идеи како да се решат најголемите општествени проблеми!

Kabtel desktop

Social Impact Award имплементира едукативни програми во повеќе од 20 земји во Европа, Африка и Азија. Нејзина главна цел е да ги поддржува социјалните претприемачи од рана фаза во развој и да имплементира  иновативни деловни решенија за справување со најважните општествени предизвици од нашето време. SIA го прави тоа преку цела година, со организирање настани и работилници за подигнување на свеста за социјално претприемништво, учење на потребните вештини за реализација од идеи до превземање на возбудливи ризици. Преку наградата за социјално влијание се започнати стотици социјални бизниси и илјадници млади таленти се инспирирани да превземат кариера во социјалното претприемништво. За Social Impact Award 2019 поразговаравме со Симона Станковиќ, национален координатор на наградата.

Разговараше: Ангела Димитровска

Симона, од оваа година ти си национален координатор на Social Impact Awards во нашата држава, кажи ни нешто за тебе?

Јас ја превземав SIA од оваа година и ми беше голем предизвик да се имплементира според сите стандарди што интернационалната организација ги поставува. SIA ми е многу драга бидејќи имам поминато низ истиот круг во една друга поинаква програма и знам колку може една програма да помогне за реализација на некоја идеја. Посебно ми е драго што сум со опкружена со млади ентузијасти кои сакаат да ги решаваат проблемите со кои се соочуваме на секојдневно ниво. Како човек што отиде во странство па се врати дома можам само да кажам дека и од нашата држава можеме да успееме ако сакаме. Тоа е најголемата причина зошто јас и мојот тим сакаме да допреме до што повеќе млади тука.

Social Impact Awards – Award Ceremony 2019, односно затварањето на наградите се одржа во Скопје на 8ми октомври. Кажи ни колку време постои оваа награда на глобално ниво,  и какво беше твоето лично искуство оваа година?

Главниот настан за Social Impact award се одржа во просториите на Фонд за иновации и технолошки развој, каде што имавме три победници кои добија парична награда од Шпаркасе Банка Македонија и се додели и четврта награда од страна на ФИТР.  Social Impact award интернационално го славеше својот 10ти роденден, додека ние во Македонија го имплементираме веќе 5 години. Од моја преспектива оваа е една предобра програма исполнета со предизвици за младите претприемачи кои сакаат да работат во сферата на социјалното претприемништво.

Која беше тематиката на SIA оваа година?

Повикот беше отворен за сите оние кои имаат идеа која сакаат да ја имплементираат од било која тема. Немаме конкретен фокус, се додека решава некој проблем со кој се среќаваме секојдневно во општеството. Оваа година опфативме многу теми од екологија, програми за луѓето со посебни потреби, вработување на млад кадар и многу други, што ми е посебно драго.

Кои беа трите победници, што има беа идеите и како би се имплементирале и би имале самоодржливост  кај нас?

 Трите победници беа Treebanks, EdiStraw и CoSense. Treebanks е веб страна каде што за секое резервирано патување, младите ентузијасти садат дрво за вас. Средствата за дрвјата се обезбедуваат преку процентот доделен од партнерите преку кои вие си резервирате патување. EdiStraw стои позади идеата да произведува биоразградливи цевки за пиење кои што може да се јадат од самите корисници и имаат хранлива вредност, а CoSense е иновативна, оригинална програма за Coaching со напредни методи и мултидисциплинарен пристап за едукација и мотивација за личен развој на луѓето со посебни потреби. Секој од нив ќе се соочи со различни предизвици на имплементација на самите бизниси во нашата држава, но потребата од иновативни идеи е огромна и верувам дека тимовите ќе успеат да се пробијат во светот на старт апите.  Дополнително имавме и четврта награда доделена од страна на публиката со гласање преку цел септември за која ФИТР обезбеди ваучер за влез на интернационален настан.

Колку вкупно натпреварувачи имаше на SIA?  Сигурно имаше многу одлични идеи, дел од нив успеаа да влезат во финалето за 10те најдобри идеи. Какви сѐ други иновации имаше?

SIA 2019  имаше 36 апликации, од кои 10 влегоа во финале. Како дел од другите идеи беа Challenger апликација која ги наградува своите корисници за правење општествено одговорни активности – како возење велосипед и пешачење. Потоа, имавме изум кој конвертира механичка во електрична енергија во комфорт на канцеларијата/домот и со тоа го подобрува здравјето и животната средина наречен ГоПедал. Имавме живеалишта вдомување на бездомници, веб платформа Имаш талент каде што младите ќе можат да го искористат својот талент да помогнат на некој и притоа да заработуваат пари итн.

Кои се идните планови на Social Impact Award, што понатаму?

 Сега прво одиме во Киев каде што ќе ја претставуваме нашата држава на интернационалниот самит на SIA.  Од кога ќе се вратиме почнуваме да се спремаме за SIA 2020 каде што целта ќе ни биде да мотивираме се повеќе млади да се пријават за оваа награда. Целата програма трае 10 месеци, почнува на почетокот на март и трае до декември.

Кое е твоето лично мото и што би им препорачала на младите кај нас?

Дека и од Македонија се може дефинитивно и дека од нас почува сѐ! Социјалното претприемништво е нешто што кај нас сега се развива и многу сум радосна дека се повеќе млади се одлучуваат да се насочат во оваа насока.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •