Според американската инвестициска банка Goldman Sachs, цените на дизелот би можеле да останат високи до 2027 година, бидејќи ограничените капацитети на рафинериите тешко ја задоволуваат обновената побарувачка и исцрпените залихи.
Глобалната разлика помеѓу цената на рафинираните нафтени деривати – конкретно дизелот и горивото за авиони – и цената на суровата нафта следната година би можела во просек да надмине 40 долари за барел (околу 34,5 евра); ова е повеќе од двојно во однос на вообичаеното ниво од околу 20 долари (17,3 евра), пренесе CNBC.
Нихил Бандари, ко-директор за истражување на природни ресурси во Goldman Sachs за азиско-пацифичкиот регион, изјави дека високите цени на дизелот ќе бидат неопходни за да се ограничи побарувачката и да се спречи закрепнување кое дополнително би ги оптоварило рафинериите.
Истовремено, Goldman Sachs очекува цената на суровата нафта од типот „брент“ да се стабилизира на околу 80 долари за барел (69 евра) како што постепено се нормализира протокот на сурова нафта низ Ормутскиот теснец.
Американската банка предвидува дека капацитетот за рафинирање нафта надвор од Кина ќе се намали за приближно 300.000 барели дневно во 2026 година, додека капацитети за рафинирање од околу два милиони барели дневно на Блискиот Исток остануваат неактивни. Дополнителни проблеми вклучуваат оштетени руски рафинерии и одложено одржување на американските постројки кои претходно работеле со висок интензитет.
Бандари предупреди дека доколку побарувачката закрепне следната година, глобалниот систем за рафинирање ќе мора да го достигне своето највисоко ниво на искористеност во последните две децении, пренесува Танјуг. Goldman Sachs исто така проценува дека до крајот на оваа година залихите на нафтени деривати би можеле да паднат на најниското ниво – мерено во денови на потрошувачка – уште од најмалку 2015 година.
(SEEBiz.eu)
(фото: Pexels/Engin Akyurt)





























