Минатата година Кина затвори рекордни 670 банки – што претставува околу една четвртина од сите банки во земјата – во обид да го зајакне финансискиот систем и да ја забрза консолидацијата на целиот сектор.
Според Fitch Ratings, процесот главно се одвива преку спојувања и затворања на помали и рурални институции, наместо преку конвенционални стечаи на големи банки, пренесува CNBC.
Fitch оценува дека малите и руралните комерцијални банки се најслабата алка во кинескиот финансиски систем поради послабиот квалитет на средствата, послабата капитализација и проблемите во управувањето.
Посебен проблем претставува нивната значителна изложеност кон помали компании, секторот за недвижности и платформите за финансирање на локалните самоуправи.
Оваа консолидација доаѓа во време кога кинеската економија се соочува со забавување. Бруто-домашниот производ (БДП) порасна за 4,3% во вториот квартал – што е најбавно темпо од 2022 година – додека индустрискиот профит во август порасна за само 4,2% на годишно ниво, што претставува најбавна стапка на раст оваа година.
Во своите септемвриски проекции Fitch дополнително ја намали прогнозата за економскиот раст на Кина за 2026 година на 4,5%, наведувајќи ја послабата домашна побарувачка, падот на инвестициите во основни средства и слабата потрошувачка, наспроти силниот придонес од извозот. Според тоа, консолидацијата на банкарскиот сектор претставува обид на Пекинг да стави под поголема контрола проблемите расфрлани низ голем број мали финансиски институции.
Целта е на пазарот да има помалку банки, но тие да бидат подобро капитализирани и поспособни да го издржат натамошното влошување на квалитетот на кредитите.
(Kamatica)
(фото: Pexels/Ainc-t)





























