Како најдобро да се поттикне развојот на финтек иновации?

- Advertisement -

 Kој е најсоодветниот начин регулаторите на финансискиот сектор да го поддржат развојот на иновативен финтек екосистем? На оваа тема се дискутираше на работилницата којашто се одржа минатата недела во Народната банка. Настанот беше организиран во рамки на техничката соработка со Народната банка на Белгија, во контекст на тековната подготовка на поголем број законски и подзаконски акти во финансиската сфера со кои треба да се постигне поголем степен на усогласување на нашето со европското законодавство и следствено, да се отвори пазарот на финансиски услуги за нови компании од финтек-секторот. На работилницата, покрај експертите од двете централни банки, учествуваа и претставници на Министерството за финансии и на Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Во дискусијата, акцентот најпрво беше ставен на иницијативите што ги презедоа финансиските регулатори во глобални рамки, со цел поддршка на финансиските иновации во последните неколку години. Овие иницијативи се насочени кон создавање окружување на поблиска соработка помеѓу регулаторите и постоечките финансиски институции и новооснованите фирми кои имаат намера да воведат технолошко-иновативни финансиски услуги (финтек). Како што беше нагласено и на работилницата, преку поблиската соработка со регулаторите, финтек има можност полесно да ги разбере регулаторните барања при воведувањето нови иновативни финансиски услуги на пазарот. Истовремено, таквата активна комуникација им овозможува на регулаторите подобро да ги разберат иновативните финансиски услуги кои носат одредени предности, но и ризици.

- Advertisement -

Следејќи ги овие трендови, нашата централна банка е во завршна фаза на отворање Порта на иновации, која ќе претставува платформа за комуникација помеѓу иновативната бизнис-заедница, односно финтек-секторот, Народната банка и други релевантни институции. По примерот на повеќе централни банки од развиените економии, се очекува дека преку неа и кај нас ќе се олесни, ќе се поддржи и ќе помогне развојот на иновации во областа на финансиските услуги и производи кај секоја компанија што сака да започне иновативен бизнис во нашата економија.

Во своите презентации за време на работилницата, експертите од Народната банка на Белгија се осврнаа и на тоа што освен преземањето иницијативи за директна комуникација со финтек, финансиските иновации сè повеќе се поттикнуваат и преку промени на регулаторната рамка насочени кон отворање на системите на банките за финтек, односно кон концептот на отворено банкарство. Овој концепт има за цел понуда на иновативни и конкурентни решенија за постојните клиенти на банките. Во овој контекст, особено релевантна е Директивата за платежни услуги 2 на Европската Унија, која е во процес на транспонирање во нашето законодавство.

- Advertisement -

Експертите дискутираа и за можностите и предизвиците што произлегуваат од концептот на отворено банкарство кој се очекува да се имплементира и кај нас, по донесувањето на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, на чие изготвување Народната банка активно работеше со Министерството за финансии во изминатиот период.

Сподели!
- Advertisement -