Првото возило за чистење кое целосно работи на водород и воопшто не испушта јаглерод диоксид, што ќе се произведува во „Брако“ под брендот „Грин машинс“, денеска беше промовирано во кругот на велешката фабрика во присуство на владиниот врв. Станува збор за еколошка машина за чистење улици и јавни површини која како гориво користи водород (хидроген) што е складиран во сад под екстремно висок притисок кој заедно со кислородот од воздухот напојува горивна ќелија која генерира електрична енергија што се користи за напојување на електромоторите на возилото.
– Иднината на македонската индустрија се производите со поголема додадена вредност. За да се произведуваат такви извозно ориентирани продукти што можат да се продаваат во целиот свет, потребно е компаниите да го поседуваат највисокото ниво на технологија и да имаат агресивен маркетинг. Токму ова веќе 20 години го применуваме во „Брако“, а овие возила се резултат на овој принцип на работа, истакна Кочо Анѓушев, сопственик и претседател на бордот на директори на „Брако“.
За таквиот развој, нагласи, потребни се повеќе години посветен ангажман со јасна стратегија и со луѓе кои што знаат како тоа да го изведат.
-Навистина сум горд што денес можеме да ги промовираме овие возила, пред сѐ, возилото на водороден, хидрогенски погон кое што е комплетно развиено како најнова технологија што е иднина во светот. Исто така, горди сме што во „Брако“ во Велес се произведе машина за чистење и метење улици, со големина и капацитет што се први во светот. Сето ова е резултат на 60-ина инженери што работат во „Брако“, односно на 150 инженери кои што се дел од групацијата „Фероинвест“, која што вработува повеќе од 1.000, рече Анѓушев.
Покрај машината што користи водород, под брендот „Грин машинс“, истакна, беше изработен и камионот GM995, кое што ќе биде најголемото возило што се произведува во „Брако“. Дополнително, компанијата ги привршува активностите во чии рамки вложи осум милиони евра во нови производствени капацитети, што е значаен исчекор во време на глобална пандемија.
Премиерот Зоран Заев посочи дека велешката компанија „Брако“ е особено добар пример што им дава мотив и на другите, бидејќи од претпријатие во 10-годишен стечај благодарение на добриот менаџмент и визионерските чекори се трансформира во една од технолошки најнапредните компании во Северна Македонија.
Современата трансформација на компанијата, додаде, резултира со создавање на производи што се продаваат на глобалниот пазар, како „Грин машинс“.
-Особено е значајно тоа што целиот нивен развој се одвива токму тука, во Велес од првичната идеја до конечната реализација. Ова што го создава „Грин машинс“ докажува дека фосилните горива и нивната примена во секојдневниот живот полека стануваат дел од историјата. Тоа се случува како резултат на извонредни иновации за кои што слушаме од сите страни на светот, а мене ми е особено мило што такво едно еколошко решение е создадено токму во Северна Македонија, потенцира премиерот.
И покрај кризата, поради која што условите за работа беа најтешки од логистичко-технолошки аспект, како што посочи, „Брако“ не доживеа пад на производството, го зголеми бројот на вработени и сега дел од ова претпријатие се повеќе од 600 лица. Велешката компанија е меѓу технолошки најсовремените во земјава, а со 95 отсто од производството наменето исклучиво за извоз во над 30 земји, таа е еден од најуспешните извозници во Северна Македонија.
Во рамки на циклусот на нови инвестиции, компанијата вложи во напредната технологија на CNC-управувачки машини, нов погон за комплетно еколошко поцинкување, нова опрема за лин-производство, како и во нова менза за вработените.
„Брако“, со своите 15 инженери, кои соработуваа со колеги од Холандија, го креира еколошкото возило за чистење кое што испушта вода, но не и издувни гасови кои што ја загадуваат животната средина. Амстердам, Утрехт и Ротердам се првите градови што ќе ја одржуваат хигиената со моделот GM 500H2 на „Грин машинс“, а интерес за ова возило има во САД, Велика Британија, Јапонија, но и во скандинавските земји. вј/ад/