Македонски средношколци освоја три медали на Интернационалната олимпијада по информатика

- Advertisement -

Македонски средношколци освоија три медали на 34. Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ), која се одржа од 7 до 15 август во Јогјакарта, Индонезија. Сребрен медал за Македонија освои ученикот од Прилеп Благојче Павлески, додека учениците Марко Танески од Прилеп и Тео Китановски од Скопје освоија бронзени медали.

Од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ) велат дека македонскиот тим средношколци го постигнале историски највисокиот резултат во повеќегодишната традиција на ова натпреварување.

- Advertisement -

„ИОИ 2022, после 2 години онлајн изданија, се одржува како хибриден настан, а повеќето од 90-те тимови се присутни во Индонезија. На настанот учествуваат вкупно 352 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки, кои беа избрани преку годишните национални натпревари во програмирање во земјите учеснички“, се додава во соопштението.

Претседателот на здружението Миле Јованов кој е и долгогодишен член на управниот комитет на Интернационалната олимпијада, изјави дека кога во живо ги следел резултатите од натпреварот, а кога Павлески во одредени моменти бил и со освоен златен медал, сфатил дека вреди што како здружение трошат огромна енергија за организација на домашните натпревари и за подготовка на учениците за интернационалните натпревари.

- Advertisement -

„Резултатот остварен на овој натпревар претставува продолжување на традицијата на успешни претставувања на Македонија на интернационалните информатички олимпијади во последниве десетина години и уште една нова потврда за знаењата и вештините од областа на компјутерските науки што ги поседуваат нашите ученици“, рече Јованов.

Дополнително, тој истакна дека поради задоцнетата поддршка за патување од институциите и енормното зголемување на цената на авио-билетите, македонскиот тим наместо во живо учествувал на олимпијадата онлајн, од просториите на ФИНКИ.

- Advertisement -

„И со тоа на нашите врвни ученици им беше ускратена можност да бидат на лице место заедно со учесниците од останатите земји. Благојче, бидејќи е пласиран високо на ранг листата меѓу најдобрите учесници од светот, ќе добие покана за да учествува на камп во Сингапур во тек на септември. Врвните резултати не доаѓаат случајно, туку со долгогодишна работа и со насочено развивање на образованието. За жал, со последните измени и нови концепции информатиката се маргинализира, а гласот на Здружението, кое претходно беше двигател на позитивните промени, сега се маргинализира од државните институции. Со ваквиот пристап, расте мојата скепса за идни големи успеси во областа на информатиката во нашата земја“, дециден е Јованов.

Македонскиот тим на интернационалниот натпревар во програмирање беше во состав на учениците Благојче Павлески, Марко Таневски, Софија Велковска и Тео Китановски, предводени од д-р Емил Станков и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Целиот текст на Радио МОФ

Сподели!
- Advertisement -